САД ја повикаа Србија да ги ослободи косовските полицајци

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, објави соопштение за тензиите меѓу Србија и Косово

САД побараа од Србија „веднаш и безусловно“ да ги ослободи тројцата косовски полицајци кои ги привела, известува Анадолу.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, објави соопштение за тензиите меѓу Србија и Косово.

„Го повикуваме претседателот на Србија Александар Вучиќ и Владата на Србија веднаш и безусловно да ги ослободат тројцата косовски полицајци приведени на 14 јуни“, рече Милер и додаде дека задржувањето на полицајците ја влошило и онака тензичната ситуација.

Милер ги повтори и повиците до Србија и Косово да го спроведат планот од 3 точки што го претстави Европската Унија и да се вратат на дијалогот.

На тројцата косовски полицајци одреден им е притвор во Вишото јавно обвинителство во српскиот град Краљево. Вишото јавно обвинителство во Краљево донесе наредба за спроведување истрага против осомничените Б.С. (1965), Р.З. (1975) и М.Ш. (1961) поради постоење основано сомнение дека извршиле по едно кривично дело, недозволено производство, поседување, носење и промет на оружје и експлозивни материјали.

Тројцата косовски полицајци, како што тврди Владата на Косово, се киднапирани во средата, 14 јуни, додека биле во контрола на границата, длабоко на територијата на Косово, на подрачјето во близина на северната граница со Србија. Од друга страна, официјални лица од Белград тврдат дека косовските полицајци се приведени длабоко на територијата на Србија.