Санацијата на старото хидројаловиште во Пробиштип се очекува напролет

 Санацијата на старото хидројаловиште кое е на влезот на Пробиштип ќе се решава кон крајот на март или почетокот на април, очекува градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов. Оваа стара јаловишна депонија од рудникот Злетово со години е жешка еколошка точка за градот и жителите. Во неа е складиран отпадот по преработка на рудата и претставува и еден вид секундарен рудник, богат со метали. Жителите со децении се жалат дека кога има ветар прашината од депонијата се разнесува низ населените места. 

Како што вели Анастасов, постапките се при крај, завршена е проектната документација и проблемите со урбанизацијата, поради што се очекува за месец до месец и половина да почне санацијата на оваа површина, по што на неа би се поставиле фотоволтаици.

– Во изминатиот период се направи нова проектна документација, во проектот се вклучени еминентни професори, експерти во својата област да се реши овој децениски проблем. Се завршуваат проблемите во делот на урбанизацијата. Јас се надевам дека крајот на март или можеби месец април ќе биде моментот кога ќе се понуди на инвеститорите да се започне санацијата на оваа површина, вели Анастасов.

Тој посочува дека со изградба на фотоволтаична централа на местото на старото хидројаловиште Пробиштип ќе се впише во редот на ретки успешни општини во државата, но и на Балканот.

-Има два модела на решавање на јаловиштето. Она кое беше наша идеја како Општина најпрвин да се влезе во санација на самата површина, да се реши еколошкиот проблем, а потоа да се влезе во втора фаза поставување на фотоволтаици или фотоволтаична централа. Решавањето на овој проблем ќе го направи Пробиштип редок во Македонија и на Блаканот, како на едно жариште на болести односно јаловишна депонија имаме проект каде ќе има обновливи извори на енергија, рече Анастасов.

Со решавањето на оваа еколошка жешка точка еколошката ќе се реши проблемот со загадувањето на воздухот и почвата од атмосферските води.