Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска разговарал со членот на израелскиот воен кабинет, Бени Ганц, за да се обиде да ги смири тензиите меѓу двете земји, откако последните коментари на Санчез го налутија Израел, два пати за една недела, јавија британските медиуми.
Израел вчера го повика својот амбасадор во Шпанија на консултации во Ерусалим, откако претходно Санчез кажа дека се сомнева дека Израел го почитува меѓународното хуманитарно право и повтори дека воената акција во Појасот Газа не е прифатлива.
Шефот на израелската дипломатија, Ели Коен, вчера кажа дека забелешките на Санчез се „безобразни“.
„Израел дејствува и ќе продолжи да дејствува според меѓународното право“, одговори вчера Коен во објава на X.
Санчез, во денешниот телефонски разговор, на министерот Ганц му кажал дека Израел е „партнер и пријател на Шпанија“.
„Израел има право да се брани од овој терористички напад, но јас уште еднаш кажав дека Шпанија смета дека смртта на цивилите во Газа е неподнослива и дека Израел мора да го почитува меѓународното хуманитарно право“, напиша Санчез на мрежата X.