Светата столица и Оман воспоставија дипломатски односи

 Светата столица денеска соопшти дека воспоставила дипломатски односи со султанатот Оман, што се први дипломатски односи меѓу римокатоличка и сунитска земја каде исламот е државна религија.

Светата столица и султанатот Оман „одлучија да воспостават, врз основа на Виенската конвенција за дипломатски односи од 18 април 1961 година, целосни дипломатски односи на ниво на апостолска нунцитура во султанатот Оман и амбасада во Светата столица“, се вели во соопштението на Ватикан.

Сместена во југоисточниот дел на Арапскиот Полуостров, Оман, земја богата со нафта опкружена со Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Јемен, има население од околу 4,5 милиони, вклучувајќи и многу странски работници.

Денешното соопштение доаѓа три месеци по посетата на папата Франциск на Бахреин. Од почетокот на неговиот понтификат во 2013 година, Папата двапати ги посети земјите од Заливот, првиот пат Обединетите Арапски Емирати во 2019 година, а вториот пат беше во Бахреин.

Оман, чие законодавство се заснова на шеријатското право, со ова станува една од 180-те земји кои имаат официјални дипломатски односи со Светата столица, која, сепак, не одржува дипломатски врски со Саудиска Арабија, Авганистан или Северна Кореја.

Оман има четири католички парохии и 12 свештеници, се вели во соопштението на Ватикан.