Над 160 милиони деца низ светот се жртви на принуден труд и експлоатација. Најбруталните злоупотреби на деца се во фабриките за текстил и рудниците каде се изложени на интензивен физички труд. Тие работат опкружени со хемикалии и физички опасности по здравјето и животот.
Во последните 20 години детскиот труд е намален за околу 35%. Тоа значи дека денес има за 85 милиони помалку деца кои се вклучени во работниот процес. Деца работници најмногу има во Југоисточна Азија, со по околу 5 милиони во Индија и Бангладеш. Детскиот труд е исто така присутен и во Субсахарска и Северна Африка и во делови од Јужна Америка и Блискиот Исток.
Сепак, и покрај добрите резултати во последните две децении, од УНИЦЕФ предупредуваат дека без примена на сеопфатните мерки состојбата може повторно да се влоши и бројот на деца работници да се зголеми за околу 10 милиони годишно.
Што преземаат меѓународните организации?
Во 2002 година Меѓународната организација на трудот (ИЛО) започна со одбележување на Светскиот ден против детскиот труд со фокус на спречување на работата која влијае физички, морално, ментално и го попречува нивното детство.
За намалување на бројот на деца работници и почитување на универзалните конвенции за детски права, како и регулативите за труд, секоја година на 12 јуни се одбележува Светскиот ден против детскиот труд.
Ако се третираат причините за појава на детскиот труд истиот ќе се намалува.
Затоа од ОН порачуваат да „живне“ меѓународната координација за социјална заштита, со посебен фокус на децата, да продолжи универзалната ратификација на Конвенцијата за минимална пропишана возраст за влез на пазарот на труд, и почитување на останатите меѓународни регулативи.
Причините за злоупотреба на детски труд денес се гледаат во постоечките и новонастанатите светски кризи и предизвици, како и нееднаквоста.