Познати личности, меѓу кои и Џон Кјузак, Сол Вилијамс, Марк Рафало и Асиф Мандви, ја дадоа поддршката за Палестина на своите профили на социјалните мрежи
По воздушните напади на Израел врз цивилите во Газа, познатите личности низ светот споделија пораки со поддршка за Палестина.
Холивудската филмска ѕвезда Џон Кјузак ја пренесуваше кампањата за донации на меѓународните хуманитарни организации за Газа на својот X-профил. Во голем број свои објави тој го повика Израел „да стави крај на масакрот врз Палестинците“.
Американскиот актер и комичар Асиф Мандви на својот профил на социјалната мрежа Инстаграм напиша: „Дојдовме до таков момент во политичката историја на САД што ќе избереме еден од кандидатите за претседател, но нема ниту еден кандидат кој ќе се спротивстави на финансирањето на овој геноцид.“
Мандви ја повика американската Влада и меѓународната заедница да упатат апел за прекин на огнот во регионот.
„Стратегијата на Нетанјаху му овозможи смело да го спроведе геноцидот од неговите соништа“
Американскиот рап-музичар Сол Вилијамс на социјалната мрежа Инстаграм објави:
„Зошто толку инсистираме на недоверба на израелската Влада? Затоа што сме искусни во недовербата кон сопствената Влада. Америка, која очекува од мене да бидам патриот, живее во светот на фантазиите, исто како и Израел, кој смета дека секоја критика упатена кон Владата е антисемитизам. Израелската Влада очекува да веруваме дека тие не ја бомбардирале таа болница затоа што барале поддршка за сопствените амбиции. Сакаат да мислиме дека Палестинците се доволно сурови за да самите си ја нанесат оваа бруталност. Затоа тие првично го охрабрија Хамас против палестинската Влада. Додека стратегијата на Нетанјаху речиси го доведе во затвор, таа му овозможи смело да го спроведе геноцидот од неговите соништа. Американскиот претседател е на негова страна затоа што ‘Да го немаше Израел, ние би го формирале како упориште во регионот’. Овие тактики ги воочуваме и ги отфрламе.“
Надир Нахди, телевизиски продуцент кој живее во Лондон, на својот инстаграм-профил објави фотографии од протестот на Евреите кои демонстрираа седејќи пред зградата на Конгресот во САД и повика на прекин на нападите врз Газа.
Марк Рафало упати повик за донации
Холивудскиот актер Марк Рафало на својот профил на социјалната мрежа X ја сподели кампањата на „secure.avaaz.org“ за донации за Газа, порачувајќи: „Престанете да ја пролевате крвта на децата“.
Либанскиот музичар Салим Асаф на својот инстаграм-профил даде поддршка за Палестина споделувајќи фотографија од две деца кои седат на урнатините во Газа, надополнета со текстот: „Ниту едно угнетување не трае вечно“.
Во земјите од Блискиот Исток, уметници како Карим Абедал Азиз, Сулаф Фавакерџи, Монтер Рајанех, Мохамед Хенеди, Кинда Алуш, Хореја Фаргали, Шерихан, Ахмед Хелми, Такла Шамун и Фифи Абдо, исто така, ја дадоа својата поддршка за Палестина во своите објави на социјалните мрежи.