СДСМ: Рамо до рамо во Охрид, Петровец, Сарај, Центар, Аеродром, Бутел, Гази Баба и Карпош

Претседателот на комисијата за земјоделство на СДСМ Трајан Димковски и портпаролката Богданка Кузеска денеска беа во Охрид, како дел од теренските активности на партијата „Рамо до рамо, до победа“.

Димковски пред граѓаните истакна дека СДСМ како одговорна партија постојано вложува во земјоделството, креира мерки и решенија заедно со земјоделците со цел земјоделците да бидат мотивирани да го зголемат своето производство.

-Повеќе нема уценување и понижување на земјоделците, ние го почитуваме трудот на земјоделците, субвенциите се исплаќаат редовно и навремено. Во 2023 година имавме рекордна исплата на субвенции кон земјоделците, дополнително, воведовме нов модел на субвенционирање со кој за првпат воведовме авансна исплата на дел од субвенциите, истакна Димковски, и како пример за посветена грижа во земјоделството, ја истакна рекордната исплата на субвенции за произведен и предаден тутун, во висина од 26 милиони евра, рече Димовски.

Димковски нагласи дека државата е рекордер во регионот по искористеност на средствата од ИПАРД 2 програмата, а со новата ИПАРД 3 програма приближно 100 милиони евра неповратни европски средства се ставаат на располагање за инвестиции за модернизација на македонското земјоделство.

Ова се дел од директните придобивки од Европската унија, затоа мора да продолжиме по европскиот пат, порачаа Димковски.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска зборуваше за хаосот и промашувањата коишто ВМРО-ДПМНЕ ги направи со автопатот Кичево-Охрид и додаде дека не смее да се дозволи тоа да им се случи и на коридорите 8 и 10д коишто се стратешки проекти.

-Против коридорите 8 и 10д се води политички мотивирана хајка полна со лаги, невистини и манипулации, само за да се спречи нивната изградба и да се создаде тензија. Охриѓани многу добро знаат за огромните штети што ВМРО-ДПМНЕ ги создаде со промашениот проект за автопатот Кичево – Охрид.  Немаше предвидено приклучоци, надвозници, поради стар и несоодветен проект кој воопшто не соодведствува со реалната состојба на теренот. СДСМ ги санираше штетите, спроведе репроектирање, заштеди 95 милиони евра и ја продолжи изградбата. Зарем треба сега со новиот стратешки проект да се дозволи хаос и по 10 години да се чека на изградба? Не. Ние тоа нема да го дозволиме и покрај хајката што се води, рече Кузеска.

Рамо до рамо со граѓаните на Петровец денеска беа Магдалена Грашковска и Дарио Николовски, кои нагласија дека СДСМ се грижи за граѓаните и нивниот стандард, што се изразува со  континуирано зголемување на платите и пензиите, минималната плата е зголемена на 20.175 денари, од одвај 9.000 денари во времето на ВМРО-ДПМНЕ, исполнето е ветувањето за просечна плата над 34.000 денари, овој март пензиите се зголемени за 8,4 отсто, а во септември сите 330.000 пензионери ги очекува ново покачување на пензиите.

Караванот на СДСМ „Рамо до рамо до победа“ и денеска е на терен, меѓу граѓаните во скопскиот регион. Членката на ЦО на СДСМ, Славјанка Петровска заедно со Виктор Велевски во општина Центар, додека советничката во Советот на Град Скопје Љубица Јачева се сретна со граѓаните на општина Сарај.

Членката на ЦО на СДСМ, Славјанка Петровска заедно со Виктор Велевски посочија дека граѓаните на Центар можат да бидат задоволни што го имаат Горан Герасимовски за градоначалник, кој посветено работи за сите граѓаните и ги реализира проектите наведени во програмата.

-Започна изградбата на детската градинка во Центар, прва после 50 години, се реконструираат неколку улици, меѓу кои и Ленинова, во тек е реконстуркција на фасадите на неколку згради, енергетско ефикасни,  на плочникот кај Зелено пазарче, обнова на неколку градинки.  Посветено, одговорно и домаќински, тоа е односот на СДСМ кон граѓаните и државата. На централно ниво со своите мудри, храбри и државнички одлуки ја обезбедуваме европската иднина, истакна Петровска додавајќи дека токму поради таквите одлуки денес Северна Македонија е членка на НАТО, со гарантирана безбедност во време на војна тлото на Европа и конечно по 17 години, преговара за членство во ЕУ.

Сето тоа носи придобивки и за граѓаните, носи зголемени странски инвестиции, пристап до нови европски фондови и повеќе пари во македонската економија. Затоа заедно со вас, продолжуваме по европскиот пат, истакна членката на ЦО на СДСМ, Славјанка Петровска.

ВМРО-ДПМНЕ и Левица немаат план, тоа е коалицијата на хаосот. Видовме што се случува во општините кадешто локалната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. За една година нема ниту еден нов реализиран проект, само ги задолжуваат општините и граѓаните, а не работат ништо, истакна Јачева, посочувајќи го како пример за најлошата локална власт владеењето на нивната градоначалничка во Скопје.

Имаме целосен колапс и тотален хаос, тие меѓусебно се борат за тендери и раце во медот а граѓаните се оставени сами на себе да се снаоѓаат и да страдаат, истакна Јанчева, додавајќи дека заради нив Скопје мака мачи со јавен превоз, десетици наследени и започнати проекти како Универзална Сала, мостот АСНОМ и клучката Момин поток стојат заглавени и не се градат.

Караванот на СДСМ „Рамо до рамо до победа“ денеска беше меѓу граѓаните на Скопскиот регион.

Во општина Бутел беа членката на ИО на СДСМ Тања Томиќ и Филип Даскаловски, во општина Аеродром Борис Тунџев, додека Кирил Парталов и Размена Чекиќ беа со граѓаните на општина Гази Баба.

– Измина една и пол година, гледаме дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ не работат ништо. Најслабата локална власт досега, нема ниту еден реализиран проект. Но затоа, секаде каде ВМРО-ДПМНЕ раководи со општините гледаме задолжувања, поскапи комунални услуги, неработење и масовна партизација на општинската администрација и претпријатијата. Тоа го гледаме тука во Бутел, тоа го гледаме во Град Скопје, но и во останатите скопски општини предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, посочи Томиќ.

Во општина Аеродром се разговараше за досега спроведените политики на СДСМ, но и за неработата на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

– Случајот парцели во Лисиче е пример кој покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ нема промени. Тимчо Муцунски е ист како и Данела Арсовска. Пред изборите ветуваше едно, бришење маркици, паркови, зеленило, а денес прави сосема спротивно, парцели за згради, бетонизација. Откако се обиде да ја задолжи општината со обврзница, сега планира спорен ДУП со кој ќе ја бетонизира населба Лисиче и упорно ги игнорира забелешките на граѓаните од тој дел од општината. Пред две недели вети нов парк гледаме дека освен ливада и прашина нема ништо од нов парк. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе добие власт од народот ова се случува, порача Борис Тунџев пред граѓаните на Аеродром.

Како дел од теренските активности на СДСМ, „Рамо до рамо до победа“заменик претседателката Сања Лукаревска заедно со членката на ИО на СДСМ, Ивона Кузмановиќ беше меѓу граѓаните на општина Карпош.

Со граѓаните Лукаревска разговараше за економските политики на СДСМ кои обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните и заштита на нивниот животен стандард.

Заменик претседателката истакна дека СДСМ става крај на огромните каматни стапки и на заработката од високите камати, и додаде дека сите пратеници во Собранието треба да дадат поддршка на измените на законите за облигациони односи и извршување.

– Нашата пратеничка група поднесе законски измени со кои висината на каматата нема да смее да го надмине долгот, а застарувањето на долгот се намалува од 10 на пет години. Со ова ставаме крај на еден долгогодишен проблем на многу наши сограѓани кои плаќаа и десет пати повисоки камати, односно за долг од 1.000 денари, плаќаа и по 10.000 денари камати. Дополнително, со измени на Законот за извршување ставаме крај и на големите заработки од каматите. На овој начин дополнително го штитиме животниот стандард на граѓаните и затоа ги повикувам сите пратеници да дадат поддршка, за овие законски измени бидат што побрзо усвоени, посочи Лукаревска. 

Таа додаде дека проектот МојДДВ кој се покажа како крајно успешен продолжува со реализација и со зголемен праг на поврат од 2.100 денари.

-Проектот Мој ДДВ се покажа како успешна алка во концептот Парите назад кај граѓаните. Започнува исплатата на средствата за првото тромесечје од годинава со зголемен праг. Со тоа 10 милиони евра ќе завршат назад кај граѓаните, на сметките на корисниците кои скенираат фискални сметки. Тоа се плус средства во секое семејство, вратени директно од државата, порача Лукаревска.