СДСМ: „Сваровски судството“ се враќа, ВМРО-ДПМНЕ бара контрола, а не правда

Изборот на Данка Ристова, сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за член на Судскиот совет е потврда на сето она што СДСМ го кажа во последните месеци. ВМРО-ДПМНЕ не ги интересира правдата, тие сакаат судство кое ќе ги амнестира нивните криминалци и ќе ги гони сите кои се против нивниот режим, обвинуваат денеска од СДСМ.

Целта на оваа влада е јасна, наша од СДСМ, целосна партизација и враќање на „судијата Сваровски, кој ќе биде продолжение на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ предупредува со месеци и ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на Мицкоски и неговата партија за уривање на независноста на судството. Како во времето на Груевски, така и денес, ВМРО-ДПМНЕ бара судиите да бидат само пиони кои ќе одлучуваат по партиски директиви.

Се враќа мракот од минатото, кога правдата молчеше, а граѓаните беа сведоци на најтешкото кршење на правната држава.

Наместо да нуди правда и реформи, ВМРО-ДПМНЕ го враќа судството во свои раце – создава партиска „институција“ која ќе биде обвинител, судија и извршител.

Граѓаните и СДСМ не можат и нема да дозволат узурпација на правдата. СДСМ ги повикува сите граѓани, независни експерти, правосудните работници и граѓанските организации цврсто да застанат против оваа узурпација. Ова е момент кога сите заедно мора да покажеме дека не треба да се злоупотребува правдата, дека судството не треба да биде алатка во рацете на ниту една политичка партија“, велат од СДСМ.

Македонија, додаваат оттаму, мора да оди напред, кон независен, транспарентен и професионален правосуден систем кој ќе им служи на граѓаните.