– Северна Кореја планира офанзивни воени контрамерки што нејзиниот лидер Ким Џонг-ун ги нарече потег за дополнително интензивирање на воените подготовки.
„За време на состанокот на Централната воена комисија на Работничката партија на Кореја, Ким донесе важен заклучок за натамошното интензивирање на воените подготовки на Корејската народна армија на офанзивен начин“, пренесува државната агенција КЦНА од Пјонгјанг.
Ким ја повика војската да спроведе воени вежби и да покаже сила.
„Подготовката на силна војска е клуч за спроведувањето на воено-стратегискиот план на Централниот комитет на Работничката партија на Кореја за превентивно ограничување на употребата на воена сила од непријателот и неутрализирање на сите форми на неговиот напад во случај на војна“, порача Ким.
Најновите инструкции на Ким пристигнаа откако минатиот месец САД пратија подморница на нуклеарен погон во Јужна Кореја првпат од 1981 година.
Во екот на зголемените тензии во последните недели, Пјонгјанг изврши пробни лансирања на проектили, додека Јужна Кореја одржа заеднички воени вежби со САД и Јапонија.