Северна Кореја вети дека ќе одговори во стилот „мило за драго“ на секоја безбедносна закана која ќе дојде од Вашингтон и Сеул, вклучително и употреба на „најголемата нуклеарна сила“. Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, неделава ја посети Јужна Кореја ветувајќи дека ќе се засилат воените вежби на двата сојузника, САД и Јужна Кореја.
„Воено-политичката ситуација на Корејскиот Полуостров и во регионот екстремно се доближи до црвената линија поради непромислените воени конфронтирачки маневри и акти на непријателство од страна на силите на САД и неговите вазали“, вели во долгото соопштение неименуван портпарол на севернокорејското МНР, кое денеска го објави државната севернокорејска новинска агенција 조선중앙통신사 (КЦНА).
Остин ја посети Јужна Кореја во вторникот за да ја потврди цврстата посветеност на САД да обезбеди „нуклеарен чадор“ на својот клучен сојузник. Во едиторијалот објавен од Yonhap, тој откри дека сојузниците „го прошируваат опсегот и обемот на нашите комбинирани вежби“, вклучително и „сè повеќе сложени вежби засновани на сценарија фокусирани на нуклеарни закани“, со цел „да ја зголемат нашата интероперабилност и подготвеност за ‘борба веднаш’ ако е потребно“.
Пјонгјанг ја осуди понудата на Вашингтон за т.н. „проширено одвраќање“ на Југот како димна завеса за военото засилување што го претвора Корејскиот Полуостров во „огромен воен арсенал и покритична воена зона“.
„Демократска Народна Република Кореја ќе преземе најцрвста реакција на било каков воен обид на САД, по принципот ‘нуклеарка за нуклеарка и сеопфатна конфронтација за сеопфатна конфронтација!’“, се додава во соопштението.
Минатата година Северна Кореја изврши рекорден број на ракетни тестирања, вклучително и повеќе балистички ракети со долг дострел, опишувајќи ги како одговор на зголемената активност на американско-јужнокорејските воени игри, кои Северот ги смета за закана по сопствената безбедност и како „проби“ за можна инвазија.
Шефот на Пентагон тврдеше дека воените активности на Пјонгјанг само дополнително ја докажуваат потребата да се „остане буден“ и вети на состанокот со неговиот јужнокорејски колега, Ли Чон-Суп, дека „и во иднина ќе се продолжи со распоредување американски стратешки средства навремено и координирано“.
Американците имаат стационирано воена сила од околу 28.500 војници во Јужна Кореја, а според Остин, само благодарение на огромното американско воено присуство на полуостровот веќе седум децении таму владее мир.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја го обвини Вашингтон дека се обидува да го натера Пјонгјанг „еднострано да се разоружа преку санкции и воен притисок“, додавајќи дека „не сме заинтересирани за никаков контакт или дијалог со САД“ сѐ додека опстојува таквата „непријателска политика“.