Северна Македонија и австриската покраина Штаерска потпишаа заедничка декларација за соработка

– Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и австрискиот покраински министер за европски и меѓународни прашања, образование и човечки ресурси на Штаерска, Вернер Амон, потпишаа заедничка декларација за соработка, како и писмо за намери за пристапување на Северна Македонија во Алпе-Адриа Алијансата.

По потпишувањето на документите и заедничката билатерална средба, министрите одржаа заедничка прес-конференција.

Министерот Османи го пофали фактот дека меѓународната агенда на австриската покраина Штаерска е фокусирана на регионот на Западен Балкан, додавајќи дека денес официјално е поставена основата за соработка.

„Со министерот потпишавме заедничка декларација за соработка, која ќе отвори нови можности и перспективи за идно поврзување во различни секторски области: образование, наука, истражување, економија, климатски политики, екологија, земјоделство, локална самоуправа. Во оваа насока искажувам целосна подготвеност за натамошна динамика во соработката, надоврзувајќи се на силната економска соработка што е симбол на долгогодишното партнерство со Австрија”, рече Османи.

Покраински министер на Штаерска, Вернер Амон, изрази задоволство од можностите за поголема соработка. Покрај поддршката во европскиот пат на Северна Македонија, тој додаде дека во иднина посакува поинтензивна соработка во науката, иновацијата, во областа на младите и заштитата на човековата околина.

„Сакам да ве уверам дека во Штаерска треба да гледате доверлив партнер на вашиот пат кон Европската Унија. И ние припаѓаме во тие земји што силно го поддржуваат пристапот на земјите од Западен Балкан, меѓутоа, пред сѐ, пристапот на Република Северна Македонија кон Европската Унија бидејќи битно е во миг кога светот се соочува со голема нестабилност, да се внесе стабилност во регионот. Затоа и пристапот кон Европската Унија би придонел за поголема стабилност“, рече Амон.

Говорејќи за Алпе-Адриа Алијансата, тој рече дека станува збор за стара алијанса од 80-тите години што има цел да ги обедини државите од јадранската област за да може полесно да се реализираат заедничките европски интереси.