Путин: САД сѐ повеќе вклучени во војната во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека САД се повеќе се вклучени во војната во Украина и дека направиле грешка со тоа што им дале ракети со долг дострел АТАЦМС.

„Тоа само предизвикува штета“.

Путин на прес-конференција за време на неговата посета на Кина рече дека на кинескиот претседател Си Џинпинг му кажал некои детали за Украина.

Тој истакна дека надворешните фактори и заедничките закани служат само за зајакнување на руско-кинеската соработка.

Рускиот претседател посочи дека одлуката на Вашингтон да ја снабди Украина со ракетни системи АТАЦМС, што Киев ја потврди вчера, само ја продолжува агонијата за Украина.

„Прво, тоа само предизвикува штета и создава дополнителна закана. Второ, секако дека ќе можеме да ги одбиеме тие напади. Војната е војна“, продолжи Путин.

„Но најважно, на тоа суштински му недостига капацитет да ја промени ситуацијата на фронтот. Тоа е уште една грешка на САД“, додаде тој.

Од почетокот на конфликтот Украина бара од САД системи АТАЦМС со цел да ги наруши руските линии за снабдување, да ги нападне воздушните бази и железничката мрежа на окупираната територија.

„Грешка од поголеми размери, која се уште не е видлива, но од голема важност е тоа што САД се повеќе и посилно лично се инволвираат во конфликтот. И никој да не каже дека немаат врска со тоа. Веруваме дека имаат“, нагласи Путин.

Тој посочи дека е добро што Западот почна да зборува за потребата од мирно решавање на украинската криза, но за тоа не даде никакви примери.

Русија веќе подолго време вели дека е подготвена да преговара, но само доколку Киев ја прифати новата реалност, односно окупација на шестина од украинската територија.

Киев, од друга страна, инсистира на целосно повлекување на руските сили, вклучително и од Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.