Милановиќ: Хрватска силно ја поддржува албанската европска перспектива

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ е во државна посета на Албанија на покана на претседателот Бајрам Бегај.

Двајцата претседатели разговараа за билатералните односи, кои се традиционално пријателски и без отворени политички прашања.

Милановиќ повтори дека Хрватска силно ја поддржува албанската европска перспектива.

„Имаме проблем ако една земја е доволно добра, организирана и водена да биде членка на НАТО, што, како што сите повторуваме, е најдобрата, најдемократската организација на демократските армии во историјата, но пред сѐ политичка организација и воен сојуз, а Албанија има свое место таму затоа што ние и го дадовме, всушност заедно влеговме во НАТО, а во исто време во напредокот кон друга асоцијација, а тоа е Европската Унија, која е покомплексна по својот опсег, Албанија не може да го направи ниту првиот чекор, рече Милановиќ.

Бегај му се заблагодари на Милановиќ што тој лично и хрватските институции дадоа посебен придонес за напредокот на албанската перспектива кон членство во евроатлантските институции.

„Хрватска секако останува еден од моделите што треба да се следат на патот кон евроатлантските интеграции. Осврнувајќи се на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, истакнав дека геостратешките околности го направија тој процес уште поважен и изразив желба Хрватска да продолжи силно да го поддржува тој процес и сакав да го споделам моето гледиште со Претседателот Милановиќ дека Албанија останува еден од клучните пријатели и партнери на Хрватска“, изјави Бегај.

По средбата со Бегај, Милановиќ попладне ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама и ќе одржи говор во парламентот.