Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по четири иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.
На дневен ред e иницијативата поднесена на член 110 од Законот за Јавното обвинителство од страна на Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје и Влатко Илиевски, адвокат од Скопје.
Во иницијативата се наведува дека легализирањето на незаконски прислушуваните разговори, селективно извадени од Обвинителството од содржината на стотиците илјади незаконски прислушувани разговори во период од осум години, претставува груба повреда на правото на приватност и е во спротивност со критериумот „Неопходност во услови на демократско општество“ на кој упатува став 2 од Амандманот XIX на Уставот, затоа што не постоела пропорционалност со легитимната цел која требало да се постигне.
На седницата ќе се расправа и по иницијативата поднесена на член 101 став 1 алинеја 4 во делот „на овој член“ од Законот за прекршоците. Според подносителот на иницијативата Игорчо Точев, делот „на овој член“ од алинеја 4 на став 1 од оспорената одредба, можело да доведе до заблуда во примената.
Пред судиите ќе се најде и иницијативата поднесена на член 1 став 1 во делот: „(3) и (4)“ од Законот за дополнување на Законот за јавно здравје, исто така поднесена од Игорчо Точев. Oспорената одредба, според иницијаторот, била во спротивност со начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок со образложение дека во правниот промет мора да постојат јасни, прецизни и концизни норми.
На дневен ред се и оспорени акти, односно Решение на Основниот граѓански суд Скопје и Решение на Апелациониот суд Скопје. Подносител на иницијативата Ивана Талевска-Трендафилова како причини за оспорување на првостепеното решение наведува дека и покрај тоа што доверителот во судската постапка доставил докази за живеалиштето на должникот, судот истите ги цитирал, но не ги ценел, со што не го применувал член 137 од Законот за парнична постапка, а во однос на Решението на Апелациониот суд Скопје со кое се потврдува Решението на првостепениот суд, подносителот на иницијативата наведува дека судиите на Апелациониот суд Скопје утврдиле поинаква фактичка состојба.
На седницата ќе се расправа и барањето поднесено од Анита Галевски преку адвокат Кирил Михајловски. Подносителката на барањето смета дека е дискриминирана по политичка основа, бидејќи е второрангирана на конкурс за вработување како фармацевтски техничар при ЈЗУ Клиничка болница Битола, на чијшто оглас бил избран шесторангиран кандидат