Сезонците ја раситнија работната сила на Балканот

Илјадници жители на земјите од Западен Балкан се водат како невработени, а работна сила и натаму нема доволно. Недостатокот на работоспособно население во државите во регионот е тренд кој трае со години. Иселувањето и потребата по подобар живот и подобри примања, макар и за сезонска работа создаваат проблеми за домашните економии. Во рестораните, фабриките, на градилиштата нема кој да работи.

За работниците од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, предизвик се хрватското и црногорското приморје. За Хрватите и Словенците пак привлечни се државите од Западна Европа. Тоа остава празен простор во земјите од Балканот, кои недостатокот на работна сила го компензираат со увоз на работници од трети земји.

На Северна Македонија и се потребни 10.000 работници

Туризмот и градежништвото се двата сектори во кои најмногу се чувствува потребата од работна сила во Северна Македонија. За ова потврда стигна и од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Според Битиќи, на земјата и е потребен увоз на 10.000 работници. Тој смета дека треба да се искористат работници од регионот.

Се очекува во пресрет на летната сезона Северна Македонија да се соочи со недостаток на работна сила во угостителството. Главно Хрватска е дестинација на заинтересираните од Северна Македонија да работат како келнери, шанкери, готвачи.

Угостителите апелираат дека се потребни околу 20.000 работници за да се спаси сезоната. Околу 5.000 работници од Туркије според претставниците на туристичко-угостителската комора треба да го ублажат шокот.

Освен фактот дека недостасуваат луѓе во туризмот и угостителството, неспорен фактот е дека Северна Македонија подолг период кубури и со медицински кадар. Голем дел, особено медицински сестри заминаа на работа во Германија.

Министерот за економија Крешник Бектеши тврди дека странците се заинтересирани за работа во земјата. Според Бектеши, искористени се 70 отсто од квотите на работници од странски земји. Министерот исто така истакнува дека треба да се либерализираат процедурите и за работници од други земји .

Индијци и Виетнамци на работа во Србија

Заминувањето на голем дел од населението во странство е причина за увозот на работна сила и во Србија. Агенциите за посредување објавија податоци дека започнале процедура за доаѓање на 1.000 Индијци. Од Здружението на работодавачи на оваа земја објавуваат податок дека конкретно за работник од Индија вкупните трошоци за тој да биде донесен изнесуваат околу 800 евра.

И во Србија угостителите имаат голем проблем со работна сила бидејќи работоспособните за работа во хотели и ресторани ги одбираат Хрватска и Црна Гора во летниот период. Голем увоз на работници има и во градежништвото. И тоа од Индија и Виетнам.

20.000 работни дозволи во Црна Гора

И покрај големиот број сезонски работници од други земји, ниту Црна Гора не успева да го надомести недостатокот на работна сила особено во летниот период. Во изјава за црногорските медиуми претседателот на Организацијата на работодавачи на Црна Гора Предраг Митровиќ вели дека тоа е најчеста појава во туризмот, трговијата, земјоделието односно најмногу се бараат келнери, готвачи, продавачи и други помошни занимања.

Во Црна Гора годишно се издаваат близу 20.000 работни дозволи за сезонски работници од странски земји. Најчесто од Северна Македонија и Србија. Во Црна Гора се регистрирани околу 46.000 невработени.

Градежниците и занаетчиите на мака во БиХ

Босна и Херцеговина се соочува со недостаток од работници во градежништвото и занаетчиските дејности. Тоа засега се компензира со работници од Туркије. Тие веќе се ангажирани на работа на тунелот кај Зеница, трамвајот во Сараево, објекти на Требевиќ.

Во Босна и Херцеговина има околу 360.000 невработени, а минатата година биле издадени 3.000 работни дозволи за странци. Освен од Туркије, во БиХ има работници од Србија, Албанија, Бангладеш, Северна Македонија и Хрватска.

Одлив на работна сила од Албанија и Косово

Во Албанија и Косово се чувствува недостатокот од работници во градежништвото, земјоделието и угостителството. Рестораните, фабриките и земјоделските посеви остануваат без луѓе за работа. Хрватска, Црна Гора, Италија и Германија се дестинациите кои се привлечни за работниците од овие земји.

Во Албанија на пример, и покрај големиот потенцијал за туризам и угостителство, работниците особено во летниот период одбираат да работат во некоја од соседните земји која ќе им понуди солидна плата и сместување.

Податоците за Косово покажуваат дека во оваа држава има околу 80.000 невработени, а речиси 50.000 граѓани аплицирале за работна виза во Германија.

Балканските членки на ЕУ со слични проблеми

Иако работници од Северна Македонија, Србија, Босна заминуваат на хрватското приморје, Хрватска сепак е на голема мака за да обезбеди доволен персонал за туристичките капацитети. Причина за ова е што целта на работниците од Хрватска се земјите од Западна Европа. Поради тоа се јавува празнина на пазарот на трудот и во оваа земја.

Од Министерството за туризам на Хрватска велат дека им се потребни околу 15.000 сезонски работници. Хрватска го компензира и со работници од Непал и Индија.

Како што објави Агенцијата Анадолија и во Словенија недостасуваат повеќе илјади работници.

„Оваа пролет невработеноста во Словенија беше најниска од 1990 година. Сепак работници најмногу фалат во угостителството и туризмот. Многу работници кои работеа како келнери и готвачи во текот на епидемијата ја сменија професијата”, пишува АА.

Што нуди „Отворен Балкан”?

Северна Македонија, Албанија и Србија во рамки на „Отворен балкан” се договорија за единствена работна дозвола. На тој начин трите земји ќе го олеснат циркулирањето на работната сила, но се соочуваат со исти проблеми, односно недостаток на работници во исти гранки. Трите земји планираат онлајн платформа за регистрација на работници кои сакаат да работат во Северна Македонија, Албанија и Србија.

Извор: ТРТ БАЛКАН