Семејството воспитува, а училиштето образува

            Семејството претставува место или заедница во кое што членовите на тоа семејство се чувствуваат безбедно, среќно и весело.

За мене семејството претставува  разгрането дрво со цврсто стебло и длабоки корени. Коренот се нашите предци, стеблото го прават нашите семејни врски кои се длабоки и кохезивни, а гранките сме ние, членовите на семејството кои секогаш цврсто стојат и покрај сите предизвици.

Историски наназад  гледано првите форми на семејства се појавиле како племенски заедници во кои што сродството претставува основа за поделба на луѓето.  Се појавиле повеќе форми на семејства патријархално, проширено па се до нуклеарно односно современо(модерно) семејството.  Како таква заедница тоа има повеќе функции: семејството е првиот  фактор каде што детето расте, се развива и ги добива првите воспитни влијанија стекнати во градинка како предучилишна институција потоа основно, средно и високо образование и понатамошно изградување и од ова доаѓаме до заклучок дека човекот се образува додека е жив , да се социјализира (социјализаторска), а тоа има и своја економска и биолошко репродуктивна функција.

Семејството воспитува, а училиштето образува. Воспитувањето е долг, тежок и одговорен процес. Родителите ако сакаат да воспитаат една млада личност во мултиетничка и мултикултурна, љубезна и учтива личност треба да бидат упорни и веродостојни во остварувањето на тие задачи за истите  да останат трајни.

 „Сите среќни семејства меѓусебно се слични; секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. Оваа  добро позната мисла на Толстој означува дека сите семејства не се исти и меѓусебно се разликуваат според бројот на членови, според формата тоа дали е проширено, семејство со разведени родители или пак нуклеарно и секое семејство се разликува по семејните вредности.

Семејните вредности се оние кои што го одржуваат семејството заедно, без тие вредности тоа не може да функционира, тие се трајни односно се пренесуваат од генерација на генерација и поради таа причина сите семејства се разликуваат меѓусебно. Терминот „семејни вредности“ стана доста популарен  за семејнолозите посебно во нивните истражувања. Овие вредности го дефинираат значењето на  семејство – верувања и идеи што го поврзуваат  семејство заедно. Според мене најзначајни семејни вредности се: меѓусебно љубовта и помагањето помеѓу членовите на семејството, поччита кон постарите членови и одржување на роднински односи.

            За мене семејството претставува основна клетка на секое општество како еден организам. Семејството е првичен фактор и заедница во која што детето благодарение на љубовта што ја добива од мајката и таткото, посебно емоционалната врска до три годишна возраст што ја добива од мајката, тоа расте и се развива физички и психички и добива воспитни, морални, етички пораки кои ги прифаќа и имитира. Мајката и таткото учат да бидат добри родители на своите деца. Родителите се тие кои сакаат да бидат добри во родителската улога и според нивната замисла создаваат една рамка на норми и систем на вредности по кои што ќе се движат и ќе се водат но квалитетното родителсто значи и прифаќање на туѓи добри совети, мислења и искуства  за тоа на каков начин треба да се воспитува една млада личност.