Сергеј Рјабков: “Русија со партнерите од БРИКС ќе ги разгледа резултатите од мировниот самит во Џеда“
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека Москва ќе ги разгледа резултатите од мировниот самит за Украина во Џеда со партнерите од БРИКС, чии претставници учествуваа на самитот во Саудиска Арабија.
Тој додаде дека учеството на претставници од земјите-членки на БРИКС може да биде корисно „за внесување на здрав разум кај западните покровители на Киев“.
– Сегашниот опасен курс кон ескалација предводен од Вашингтон и Лондон … е лишен од какви било проблесоци на здрав разум … Играњето на Американците со оган е опасно. Важно е дека ги имаме сите воени и воено-технички капацитети да се справиме со оваа ситуација без да ги загрозиме нашите безбедносни интереси, посочи Рјабков.
Тој истакна дека Москва периодично разменува оценки со Вашингтон на темата за контрола на вооружувањето, но оти нема напредок во оваа област.
– САД се тие кои го прекинаа одржливиот и систематски дијалог за прашањата на стратешката стабилност и преминаа на празни и целосно одвоени од реалноста повици за продолжување на имплементацијата на Договорот за намалување и ограничување на стратешкото офанзивно оружје, наведе Рјабков.
Според рускиот заменик-министер за надворешни работа напорите на Западот да го мобилизира глобалниот југ за поддршка на мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски се „осудени на неуспех“.
Во саудискиот град Џеда, на брегот на Црвеното Море, синоќа заврши првиот ден од мировниот самит за Украина, на кој учествуваа високи претставници од околу 40 држави, но немаше претставник на Русија. Средбата заврши по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати.
Како што се очекуваше, не беше објавена завршна декларација, но според неименуван европски извор, договорен е заеднички став за клучните точки, пред сè дека во мировниот договор мора да се почитува „територијалниот интегритет и суверенитет“ на Украина.
На Самитот присуствуваа и претставници на земјите-членки на БРИКС, кои не застанаа зад Украина, но не ја поддржуваат руската инвазија, што почна во февруари 2022 година.
Според неименуван европски извор, Кина активно учествувала и позитивно се изјаснила за идејата за нов состанок.
Додека советник на бразилскиот претседател Лула да Силва, Селсо Аморим посочи дека „во сите вистински преговори мора да бидат вклучени сите страни“, вклучително и Русија.
– Иако Украина е најголемата жртва, ако навистина сакаме мир, мораме на еден или друг начин да ја вклучиме Москва во овој процес, наведе Аморим.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски истакна дека украинската делегација го претставила својот мировен план од десет точки, кој предвидува целосно повлекување на руските трупи од украинска територија.