Се вратил 35 години по неговата смрт, со помош на вештачка интелигенција

Јапонската компанија се надева дека развојот на генеративната вештачка интелигенција ќе овозможи досега недостапни интердисциплинарни истражувања и употреба на иновативни методи.

Panasonic – основана во 1918 година како Matsushita Electric Housewares Manufacturing Works – создаде дигитална верзија базирана на вештачка интелигенција на нејзиниот основач, Konosuke Matsushita.

Мацушита почина во 1989 година. Во Panasonic истакнуваат дека бројот на луѓе кои тој лично ги обучувал е во опаѓање, поради што посегнале и до вештачката интелигенција за да им ја пренесат на вработените неговата менаџмент филозофија.

Вештачката интелигенција беше обучена со помош на 3.000 снимки со Мацушита, како и документи, предавања и интервјуа што ги остави зад себе. Тој материјал беше дигитализиран во Институтот за мир и среќа преку просперитет на Панасоник, кој го основаше Мацушита. Во развојот на дигитален лик кој ќе го имитира стилот на размислување и зборување на основачот, тие соработуваа со Институтот Мацуо од Универзитетот во Токио.

„Се надеваме дека развојот на генеративната вештачка интелигенција ќе ни овозможи да спроведеме досега недостапни интердисциплинарни истражувања и да користиме иновативни методи“, велат од Panasonic.

Мацушита го постигна статусот на легенда во Јапонија. Често го нарекуваат „бог на менаџментот“. Тој е почитуван поради неговата лидерска филозофија и неговата улога во трансформирањето на компанијата што тој ја основа – која започна со продажба на светилки – во глобална моќ.