СЕ ВРАЌАА ОД СВАДБА И НАСТРАДАА: Се преврте чамец во Нигерија, загинаа повеќе од 100 луѓе

Најмалку 103 лица загинаа кога брод со луѓе кои се враќаа од свадба се преврте во северна Нигерија, пренесе АП.

Жителите и полицијата сè уште трагаат по десетици луѓе кои биле на преполниот брод што се преврте рано во понеделникот на реката Нигер, изјави портпаролот на полицијата Окасанми Ајаи. Тој вели и дека досега се спасени 100 луѓе.

Повеќето од оние што се удавија беа роднини од неколку села кои заедно присуствуваа на свадба и останаа таму до доцна во ноќта, вели локалниот жител Абдул Гана Лукпада и истакнува дека на бродот имало речиси 300 луѓе.

На свадбата пристигнале со мотори, но морале да заминат со брод бидејќи дождот го поплавил патот, пишува РТС Танјуг.

Бродот удрил во голем трупец во водата и се скршил на два дела, изјави Лукпада.

Бидејќи несреќата се случила во три часот по полноќ, поминале неколку часа пред да се прошири веста.

Водните несреќи се вообичаени во оддалечените заедници низ Нигерија, каде што обично се користат пловила од локално производство за транспорт. Повеќето несреќи се припишуваат на преоптоварување и употреба на лошо одржувани пловни објекти.