Љубителите на чоколадо ширум светот можеби ќе треба да се подготват за недостиг од омиленото слатко бидејќи цените на какаото достигнуваат невидени височини, а економистите не предвидуваат тренд на намалување до 2024 година.
Цените на какаото се зголемени повеќе од двојно од почетокот на минатата година, достигнувајќи рекордни 9.010,59 долари за тон на Њујоршката трговска берза во втората недела од февруари.
Неповолните временски услови, шверцот и болестите придонесоа за повисоки цени, што резултираше со пониски приноси во Брегот на Слоновата Коска, кој произведува речиси 40 отсто од зрната какао во светот и Гана, која произведува 20 отсто.
Ел Нињо, временски феномен кој предизвикува суша во Западна Африка, имаше значително влијание врз производството на какао во овие земји.
Силните сезонски ветрови и недостатокот на врнежи, исто така, придонесоа за недостигот, принудувајќи ги трговците да се трудат да набават залихи и да ги зголемат цените.
Производителите на чоколади, како резултат на растот на цените на суровините, се подготвуваат за потенцијално забавување на побарувачката.
Во извештајот на добавувачот на суровини Хенли Бриџ, се очекува зголемувањето на цените на какаото од 15-20 проценти во првата половина на 2024 година да продолжи до крајот на годината.
- Ова е вознемирувачко со оглед на тоа што не сме сведоци на толку значително намалување на производството на какао во последните години – изјави Самуел Адимадо, претседател на Групацијата за купувачи на какао од Гана, изразувајќи загриженост поради падот на производството на какао.
Тој изјави дека не само што забележале пад на производството, туку морале да го намалат обемот на нивното работење, вклучително и отпуштањата.
Сепак, Хавиер Блас, експерт за енергија и стоки од Лондон и колумнист на Блумберг, смета дека „ова е неопходна криза“.
„На светот му требаат повисоки цени за да се поттикне повторното засадување на милиони стари дрвја и подобра грижа за постоечките“, рече Блас во неодамнешната објава на мрежата Х.
Други производители кои користат какао како состојка , како што се козметиката и фармацевтските производи, исто така може да доживеат зголемување на цените или прекини во синџирот на снабдување, додека економиите во развој, особено оние со голема побарувачка за чоколадо, може да имаат потешкотии да ги исполнат барањата на клиентите.