Девет лица загинаа во сообраќајна несреќа во Јужна Африка, се враќале од партиски митинг

Девет лица загинаа во сообраќајна несреќа во Јужна Африка додека се враќале од митинг на владејачката партија Африкански национален конгрес.

Поддржувачите на партијата на претседателот Кирил Рамафоса се враќале дома со автобус по митингот во градот Дурбан.

Автобусот излетал од патот и се превртел, соопшти полицијата.

Службите за итни случаи објавија дека уште 17 лица се повредени во несреќата кај градот Паулпитерсбург, на околу 360 километри северно од Дурбан.

Африканскиот национален конгрес соопшти дека некои од повредените се во критична состојба.

Партијата официјално ја започна својата изборна кампања на стадионот Мозес Мабхид во Дурбан пред десетици илјади поддржувачи, а изборите се закажани за 29 мај.