Ниту Куманово не го одминува трендот на иселување, што може да се види од бројот на запишани ученици. Иако е најголема општина во државата, може да се види се помал број запишани ученици, информираше денеска пред советниците раководителот на Секторот за образование Александар Јовановиќ.
-Во учебната 2020/2021 година во средните училишта во градот имало 4.508 ученици, годинава таа бројка изнесува 4.126 ученици, рече Јовановиќ.
Што се однесува до основните училишта, и таму бројот на ученици се намалува.
– Во учебната 2020/21 се запишани 1.208 ученици, во 2021/22 се запишани 1.122 ученици и во 2022/23 запишани се 1.070 ученици. И тука се клучни три фактори, пад на наталитетот, меѓуопштинска миграција, која и не е толку голем проблем и иселување на населението, смета Јовановиќ.
Тој очекува уште помал број на запишани ученици идната година поради најави на Германија дека ќе се олесни визниот режим.
Според Јовановиќ, состојбата во септември може да биде уште полоша, особено ако Германија во април донесе ново олеснување на визниот режим и со тоа дојде до дополнително иселување од градот.
– Внатреопштинската миграција не е проблем дали ќе учи во едно или друго училиште, ќе учи тука, меѓутоа надвор од општината имаме дополнителен проблем и во споредба со другите општини од северисточниот регион, Куманово е најбројна и по последниот попис што беше реализиран важиме за најголема општина во нашата држава, но фактите се тие, не сме имуни и ние и околните држави, вели Јовановиќ.
Според него добро е што почна електронското запишување на ученици, бидејќи на овој начин институциите ќе имаат детален увод за бројот на запишани ученици.