Ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, Билјана Каракашова Шулев и Бесник Џемаили се вработени во КШПК, судијката Софија Спасова Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ се предложени за нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), пренесува Телеграфи Македонија.
По тридневното интервју кое беше јавно, Комисијата за избор и именувања на полноќ ја објави ранг листата со бодови и оваа листа мора да се гласа на пленарна седница.
Доколку се гласа за овие кандидати, тогаш во следните пет години на чело на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе биде Татјана Димитровска, која 19 години работеше во Државниот ревизор, додека последните две години беше помошник на главниот ревизор.
Таа извршила ревизија на политичките партии, Антикорупциска, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Државната изборна комисија.
Судијката Софија Спасова Медарска е сопруга на Филип Медарски, адвокатот на Зоран Заев кој го бранеше поранешниот премиер во случајот „Поткуп“.
За членови на Антикорупциската комисија поднесени се 41 кандидат, меѓу кои најмногу ревизори и вработени во КШПК, но и експерти од државни и јавни институции, судии и обвинители.