Се очекува добра производствена година на земјоделските култури

Се очекува добра производствена година за земјоделското производство. Временските прилики се добри за есенските, житни култури меѓу кои и лебното зрно, смета агрономот-советник Горан Томески при Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Прилеп.

– Оваа година, во однос на претходната година која беше лоша, досега ситуацијата е добра, со оглед на тоа дека имаме доволно врнежи до овој временски период. Врнежите не се во преголеми количества за да не дозволат да се извршуваат другите работни активности. Оние житни култури, кои навреме беа посеани, се во добра кондиција и фаза и кај нив е завршена првата прихрана. Оние култури кои беа помали и не беше проникнувањето пред зимата, сега се во фаза на интензивен пораст и се очекува кај нив за 10 до 15 дена да биде завршена прихраната. Има доволно ѓубрива во земјоделските аптеки. Цените се такви какви што се, но се подобри во споредба со минатите години, иако остануваат високи, објасува Томески. 

Според временските прилики наредниот период, тој очекува добри приноси.
Томески вели дека што се однесува до градинарските култури, последниве години за нив има откуп.

– Имаме откуп на градинарските култури, иако производителите реагираат дека се увезува. Увозот е кога не е сезоната за домашното производство. Очекуваме за градинарските култури од Прилепскиот регион и годинава да има обезбеден откуп, а понатаму и пласман, смета Горан Томески, агрономот-советник во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Прилеп