Се продава луксузниот имот на Силвио Берлускони на Сардинија: Од цената ќе ве боли глава, а погледнете се кои светски лидери уживаа во овој луксуз

За половина милијарда евра се продава луксузен имот на Сардинија во сопственост на семејството на поранешниот премиер на Италија.

Откако Силвио Берлускони почина минатиот јуни на 86-годишна возраст, неговите пет деца ја презедоа контролата врз деловната империја и имотот на семејството. Децата на Силвио Берлускони сега решија да ја продадат вилата на брегот на Сардинија каде што поранешниот италијански премиер беше домаќин на многу познати личности, како што се рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот американски претседател Џорџ Буш и поранешниот британски премиер Тони Блер.

слика
Силвио Берлускони во Сардинија во 1993 година со неговата тогашна сопруга Вероника Ларио

Како што дознава Financial Times, луксузната вила „Чертоса“ на Сардинија се продава преку миланската агенција за недвижности „Дилс“ за 500 милиони евра. Вила „Чертоса“ е всушност огромен комплекс од паркови и згради. Целиот имот има вкупно 68 соби, директен пристап до Средоземното Море, неколку базени, две езера, вештачки вулкан, градина со големина од 80 фудбалски игралишта и амфитеатар. На Силвио Берлускони му е направен и подземен бункер. За гостите кои доаѓаат на имотот на Силвио Берлускони од морето, изградено е пристаниште како оние од филмовите за Џејмс Бонд, а од него патека води до пештера, а потоа и лифт за влез во вилата.

Меѓу можните купувачи се емирати, саудиски, индиски и американски милијардери. „Дилс“ директно ќе контактира со потенцијалните купувачи и нема да има јавно рекламирање на имотот, а прегледите на имотот треба да започнат овој месец. Имотот може да биде од интерес и за меѓународните туристички групи.

Островот Сардинија традиционално е популарна дестинација за руските олигарси, а неколку од најлуксузните вили на Коста Смералда, која ги опфаќа одморалиштата „Порто Черво“ и „Порто Ротондо“, биле купени од руски државјани во 1990-тите години. Меѓутоа, Русите во моментов се под санкции поради војната во Украина, па тешко дека ќе бидат купувачи на вилата на Силвио Берлускони.