Во Македонска Каменица се чистат отворените одводни канали за атмосферски води. Активностите ги изведува Јавното претпријатие Камена Река од каде напоменаа дека во тек е и поставување нови водомерни единици за корисниниците од одредени делови од градот.
-Поставуваме нови водомерни единици и приклучување на корисниците од улица „Новопроектирана” на градскиот канализациски систем. Воедно вршиме поставување заштитна ограда на постоечки мост во село Тодоровци, како и доизведба и санација на оштетена ограда од училишниот двор на ООУ „Св. Кирил и Методиј”, информираа од претпријатието.
Паралелно, како што додадоа, се врши косење и уредување на тревата на градскиот кеј со засадување нови листопадни декоративни садници.
-Со посветеност во спроведувањето на теренските активности на вработените во ЈП Камена Река продолжуваме да работиме во создавањето подобри услови за живот на сите граѓани во урбаните и руралните средини од Македонска Каменица, додадоа од претпријатието.
Активностите се дел од програмата за работа на Јавното претпријатие и ќе се одвиваат засилено во наредниот период.