Силјановска Давкова за повторна кандидатура за претседател: Не можам со сигурност да кажам

–  Не можам со сигурност да кажам, рече пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, во одговор на прашањето дали повторно ќе биде кандидатка за претседател на државата на претстојните избори.

Во емисијата „360 степени“ на МРТ1 таа посочи дека размислува за ова прашање и оти има многу дилеми. Решавачки за неа ќе бидат разговорот со семејството, нејзината лична промисла, како и анализата на нејзината улога како пратеничка во Собранието.

-Не велам – не, бидејќи ќе биде неодговорно потоа да ме потсетувате дека сум рекла не. Ама не сум сигурна, вели Силјановска-Давкова. 

Таа  наведе и дека со Мицкоски не разговарале на оваа тема, дека меѓу нив двајца има заемен респект и дека таа никогаш не разговара за нешта во кои треба нешто да иницира или понуди, велејќи дека не сака да врши притисок или да влијае на некои настани.

Според неа, да се одржуваат два изборни циклуса кога разликата е шест месеци од еден до друг, не само што е скапа работа, туку е и непотребна.

Смета дека одделни избори би било „непотребно фрлање пари“, а укажува и на ставот на Венецијанската комисија за неодржливост на изборниот праг во вториот круг од претседателските избори, каде што се бара 40 отсто излезеност за изборите да успеат.