Силјановска-Давкова: 1 мај е денот кога работниците и синдикатите со право протестираат за повисоки плати
По повод 1-ви Мај – Меѓународниот ден на трудот, претседателката Гордана Силјановска-Давкова упати честитка до сите работници во земјата.
„Денес го славиме 1-ви Мај – Меѓународниот ден на трудот, ги славиме оние кои работат со трудољубивост, посветеност и жртва, како и сите оние кои оставиле историски белег во долгата и тешка борба за ценење на трудот на работниците и почитување на работничките права.
На овој ден, им изразуваме посебно почитување и заслужено признание на работниците, генерации на мнозинството луѓе со најголем придонес во создавањето и изградбата на државните и општествените вредности. 1 мај е ден кога работниците и синдикатите со право протестираат за повисоки плати и пошироки права, нагласувајќи го социјалниот карактер на Македонија, која има уставна обврска да ги смета хуманизмот, социјалната правда и солидарноста за фундаментални вредности на уставниот поредок.
„1 мај е вистинскиот ден кога ние, носителите на власта, треба да се запрашаме: дали и како се остварува правото на работа, дали секој има слободен избор на вработување, дали вработените се заштитени за време на вработувањето, дали се доволно финансиски обезбедени во случај на невработеност, дали секое работно место е достапно за сите под еднакви услови, дали платата е во согласност со работата, дали секој вработен има право на дневен, неделен и годишен одмор, дали се почитуваат колективните договори?“ рече Силјановска.
Таа додаде дека се соочуваме со многу проблеми и дилеми кои треба да се надминат. Социјалната правда не треба да се спроведува селективно, ниту да се перцепира како недостижен идеал.