Целосно опремениот индиски медицински тим од 99 члена спроведе 6 големи, околу 60 помали операции во погодените области во Туркије. Индискиот здравствен тим се врати откако беа вклучени во лекувањето на над 4.000 луѓе погодени од земјотресот
Индиски медицински тим беше вклучен во акциите за помош и спасување на погодените од катастрофалните земјотреси во Туркије. Со ампутација на десната нога тимот му го спаси животот на маж кој беше најден под урнатините во јужната турска провинција Хатај 72 часа по двата земјотреси.
„Неговиот живот беше спасен“, изјави потполковникот Јадувир Синг на аеродромот во Адана додека неговиот тим од 99 лекари, болничари и логистички персонал ја заврши својата мисија во рамките на индиската „Операција Дост (пријател)“ за помош на настраданите во земјотресите во Туркије.
По слетувањето во Туркије ноќта меѓу 7 и 8 февруари, тимот на Синг бил упатен во Искендерун во Хатај за да ја направи болницата. Потоа медицинскиот персонал на индиската армија прегледа над 4.000 пациенти кои главно беа повредени откако останаа заробени под урнатините на зградите кои беа оштетени од земјотресите.
„Спроведовме шест до седум големи и околу 60 помали операции“, рече Синг, додавајќи дека болницата е целосно опремена со операциона сала, лабораторија, апарат за рендген, покрај специјалисти за ортопедија и јавно здравје.
Потресни моменти
Според Синг луѓето, кои останаа без покрив над главата по земјотресите, исто така страдаат од проблеми со белите дробови и гастроентеролошки проблеми поради студеното време. Тој вели дека неговиот тим добил огромна поддршка од локалното население, вклучувајќи турски лекари, медицински сестри и болничари.
„Ова беше навистина трогателен момент. Не можам да замислам низ што поминаа луѓето во Туркије“, рече Синг.
Додека индиската медицинска мисија ја завршуваше својата операција Дост, Синг им се обрати на граѓаните на Туркије
„Чувајте се и верувајте во Бога. Сигурен сум дека со овие луѓе кои се многу храбри и љубезни ќе се вратите посилни од кога било“, рече Синг.
Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени беа со епицентар во Кахраманмараш и погодија вкупно 11 провинции – Кахранмараш, Адана, Адијаман, Дијарбакир, Хатај, Газиантеп, Малатија, Килис, Османије, Елазиг и Шанлиурфа. Повеќе од 13 милиони луѓе се погодени од разорните земјотреси.
Неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Сирија и Либан, исто така ги почувствуваа потресите што ги погодија за помалку од 10 часа.
Над 9.000 меѓународен персонал за пребарување и спасување, вклучително и оние од Индија, пристигна во Туркије, а беше издадена тревога од ниво 4, и беше повикана меѓународна помош.
Според турското Претседателство за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) во моментов работат на терен повеќе од 249.000 лица за пребарување и спасување. Досега помош понудија околу 100 земји, а многу испратија спасувачки тимови.
Најмалку 41.020 луѓе загинаа во двата силни земјотреси што ја потресоа јужна Туркије на 6 февруари. Илјадници други беа повредени.
TRT Balkan