Синдикалните организации организираа протестни маршеви во Скопје

 По повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) организираа одвоени протестни маршеви барајќи подобри услови за работа.

По повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) организираа одвоени протестни маршеви барајќи подобри услови за работа, јавува Анадолу.

Стотици демонстранти излегоа на улиците на градот носејќи голем број транспаренти.

Маршот на ССМ помина покрај зградите на Собранието и Министерството за правда, за да заврши пред Владата. Таму организаторите го изразија своето незадоволство од условите за работа, а особено од зголемувањата на платите што, според нив, се недоволни.

Организаторите особено се спротивставија на одлуката за зголемување на платите на именуваните функционери. „Вратете ги парите -78%“, пишуваше на еден транспарент, алудирајќи на оваа одлука, додека на друг транспарент стоеше: „Работниците се државата“.

И маршот на КСС, одржан претходно во текот на денот, заврши пред зградата на Владата на Северна Македонија.

Тие во знак на протест организираа скара пред Владата, држејќи транспаренти „За работникот ќебап, за вас бифтеци“, „За правда, за еднаквост“ итн.

И двата марша беа придружувани од полициски сили и завршија без инциденти.