Поради расистичките навреди упатени до фудбалерот на Интер, Ромелу Лукаку, Јувентус е казнет со делумно затворање на трибините на првиот претстоен домашен натпревар.
Така, за првиот тест во Серија А против Наполи, кој е закажан за 23 април, ќе биде затворен долниот дел од јужната трибина на стадионот „Алианц“ во Торино. Причината се навредите на расна основа што навивачите на Јувентус ги упатија кон белгискиот напаѓач Ромелу Лукаку во првата полуфинална средба од Копа Италија.
Тој дуел заврши 1:1, а навредите следеа во судиското надополнување кога Лукаку реализираше пенал и го постави конечниот резултат. Во исто време Лукаку доби втор жолт картон поради непримерно славје по голот и беше суспендиран на еден натпревар.
Колумбиецот Хуан Куадрадо, инаку играч на Јувентус, доби 3 натпревари суспензија поради физичкиот напад врз Самир Хандановиќ, голманот на Интер, кој пак доби еден натпревар суспензија за учество во инцидентот. И овие двајца фудбалери, како Лукаку, поцрвенеа во бурната завршница на овој полуфинален дуел.