Поранешниот американски потпретседател, Мајк Пенс, е ставен на списокот на сведоци од страна на обвинителите во Џорџија, кои би можеле да сведочат во случајот против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за поткопување на изборите во 2020 година во оваа американска сојузна држава, јави Си-Ен-ЕН од повеќе извори блиски до истрагата.
Списоците на сведоци поднесени од обвинителите на округот Фултон не се објавени и се чуваат како строго доверливи, но неименувани извори за Си-Ен-Ен изјавиле дека најновата верзија на списокот на сведоци, објавена од обвинителите пред неколку дена, вклучува повеќе од 150 имиња.
Меѓу нив е и Пенс, кој претходно се појави пред федералната голема порота како дел од истрагата на специјалниот советник Џек Смит за наводното субверзија на Трамп на изборите во 2020 година.
Портпаролот на Пенс одби да ги коментира пишувањата.
Поранешниот американски потпретседател претходно ги негираше тврдењата на Трамп и неговите сојузници на Националната конференција на државните законодавни тела дека изборите во Џорџија биле наместени, признавајќи дека „немал право да ги поништи изборите на 6 јануари“.
Четворица обвинети соработници на Трамп, вклучително и тројца негови поранешни адвокати, веќе склучија договор со обвинителите за да ја признаат вината и да сведочат во случајот.