Скопјанка се бори за живот откако вчера беше прегазена на „Рузвелтова“

Откако удрил во жената, триесет и четиригодишниот А. С. со своето „бе-ем-ве“ побегнал од местото на несреќата, но полицијата го фатила

Педесет и едногодишна скопјанка е тешко повредена во сообраќајна несреќа што се случи синоќа во скопски Карпош. Жената била удрена од патничко возило „бе-ем-ве“ со скопски регистарски ознаки на крстосницата од улиците „Франклин Рузвелт“ и „Руѓер Бошковиќ“, соопшти Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје.

Откако удрил во жената, триесет и четиригодишниот А. С. од село Марино побегнал од местото со своето возило.

„По преземени мерки, полициски службеници го пронашле возачот и го привеле во полициската станица ‘Карпош’ за понатамошна постапка“,соопштија од СВР Скопје.

Жената, пак, по несреќата е пренесена во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.