Македонија ќе биде домаќин на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ што ќе се одржува во Скопје од денеска до 1 декември, на кој се очекува да присуствуваат околу 1000 делегати.
На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.
Состанокот ќе го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Иако засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров, аналитичарите не ја исклучуваат можноста за разговори за евентуално решение на конфликтот во Украина.
Американскиот државен секретар Блинкен доаѓа денеска, а учеството на ОБСЕ ќе го почне со билатерална средба со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.
За доаѓањето на шефот на дипломатијата на Руската Федерација Лавров, земјава и Бугарија времено ги суспендираа санкциите воведени од ЕУ за прелети на руски авиони поради руската агресија на Украина.
По потврденото присуството на Лавров, форумот решија да го бојкотираат министрите за надворешни работи на Украина Дмитри Кулеба и на балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија.
На министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.
Шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи во интервју за МИА вели дека цел на секоја дипломатија особено на помалите земји е да може да ја изложи земјата на големата меѓународна сцена, а нема поголем политичко – дипломатски настан којшто се случил во нашата држава од нејзиното осамостојување, како што е Министерскиот совет на ОБСЕ и по големина и по суштина.
-Прво, по големина, затоа што 76 држави ќе бидат присутни во Скопје, тоа е целата северна хемисфера и ќе се разговараат прашања за безбедноста на регионот на ОБСЕ, вклучувајќи ги и министрите за надворешни работи на најмоќните држави во светот. Но и по суштина, затоа што нашето претседавање успеа да го сопре падот на Организацијата. Организацијата поради ниското ниво на доверба помеѓу земјите учеснички, пред се, предизвикано од руската агресија во Украина беше под ризик на некој начин да исчезне од меѓународната сцена. Нашето претседавање, заедно се разбира со сите земји учеснички, постигна Организацијата да застане на свои нозе, да имаме претседавач за идната година и да продолжи да им служи на луѓето бидејќи на крај се работи за луѓето како што звучи и слоганот на нашето претседавање, вели Османи.
Министерскиот совет ќе започне вечер со неформална вечера на која ќе учествуваат дел од шефовите на дипломатиите на државите – учеснички на ОБСЕ. Официјално форумот ќе биде отворен утре во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој е пренаменет и подготвен за Министерскиот состанок.
Според агендата објавена од МНР утре предвидена е можност за изјави на шефовите на делегации при пристигнувањето во спортскиот центар. Министерскиот совет треба да започне утре во 10 часот, а медиумите ќе можат да го проследат отворањето на пленарната сесија.
На првиот ден предвидени се и два пропратни настани: Потпишување на заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација по кој ќе следи и адресирање на влијанието на климатските промени врз човековата безбедност во областа на ОБСЕ.
Вториот ден ќе се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето – влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.
Акредитираните новинари ќе можат да ја проследат и завршна пленарна сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, следниот претседавач на Организацијата и генералниот секретар на ОБСЕ Хелга Марија Шмид.
Од МНР за МИА изјавија дека Министерскиот совет на ОБСЕ ќе го следат над 300 новинари од земјава и од странство.
Поради одржувањето на министерскиот состанок, Владата одлучи денеска работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје да заврши во 12 часот, а утре да биде неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, како и за основните и средните училишта на подрачјето на главниот град. Воедно, дел од сообраќајниците низ градот низ кои ќе минуваат странските делегации ќе бидат затворени за сообраќај.