Следува колапс: Нема да работат градинки, фабрики, авиосообраќај, превоз…

Работничките синдикати вчера излегоа на тридневен штрајк во Финска во знак на протест против измените на законите за пазарот на трудот и намалувањето на социјалното осигурување.

Измената на законот беше предложена од владата на премиерот Питер Орп.

Се очекува штрајкот сериозно да го наруши секојдневниот живот на Финците, пренесува Ројтерс.

Во рамките на тридневната кампања ќе бидат затворени градинките и предучилишните установи, а во прекин ќе има авиосообраќајот и поштенските услуги.

Покрај тоа, јавниот превоз нема да работи, а фабриките низ државата ќе бидат затворени.

Националната авиокомпанија „Финер“ соопшти дека била принудена да откаже околу 550 летови. Повеќето штрајкови се организирани од Централната организација на финските синдикати и Финската конфедерација на професионалци. Нивните членови велат дека мерките предложени од владата на Орп ќе ја зголемат нееднаквоста во општеството, ќе ја ослабат позицијата на работниците и ќе им наштетат на оние со пониски примања и на невработените.

Синдикатите, меѓу другото, се против ограничувањето на правото на штрајк и кратењето на надоместоците за невработени.

Финските медиуми јавуваат дека целта на синдикатот е да ја принуди владата да започне разговори со работничките организации за предложените кратења на социјалното осигурување.