Словенечката претседателка повика на единственост: „И Словенија мораше да го промени Уставот“

– Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, имаше заедничка прес-конференција со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, која престојува во официјална посета во Скопје.

Во својот говор, претседателката Пирц Мусар рече дека Северна Македонија ѝ е во срцето и дека ја врзуваат посебни чувства со земјата, додавајќи дека пред 10 години, работела во Скопје повеќе од 6 месеци.

Словенечката претседателка рече дека во фокусот на разговорите со нејзиниот колега Пендаровски бил и процесот на евроинтеграции на Северна Македонија. Притоа, таа потсети дека и на Словенија не ѝ беше лесен патот кон полноправно членство во ЕУ.

„Дозволете ми да потенцирам дека и Словенија мораше да го промени својот Устав. И тогаш, во мојата татковина се слушаше како тоа не е добро за словенечкиот народ, како ќе се изгуби словенечкиот јазик. Го променивме Уставот во член со кој се дозволуваше државјаните на ЕУ да купуваат и поседуваат имот“, рече Пирц Мусар.

Таа повика на единственост и усвојување на уставните измени за европската иднина на земјата.

Пирц Мусар истакна дека во последните 10 години од државите од Западен Балкан се отселиле околу 4 милиони луѓе, и притоа ги истакна придобивките што ги имала Словенија од зачленувањето во ЕУ.

„Словенија секогаш ќе стои до Македонија, секогаш ќе пружи рака. Уште еден податок, последните 10 години Словенија во однос на едукацијата на македонските граѓани инвестираше околу 40 милиони евра. Многубројни Македонци студираат во Словенија бесплатно, јас ќе се залагам тоа да продолжи и понатаму“, рече Пирц Мусар.

Таа додаде дека Словенија и Македонија соработуваат во повеќе подрачја, вклучувајќи ја и соработката во рамки на НАТО.

Словенечката претседателка изрази исклучително задоволство од економската соработка, додавајќи дека словенечките претпријатија во Северна Македонија вработуваат околу 3 илјади лица.

Претседателот Пендаровски во својот говор изрази задоволство што е домаќин на претседателката на пријателската Словенија.

Тој рече дека на средбата имале конструктивен разговор за билатералната соработка и економските релации, додавајќи дека е разговарано и за евроинтеграциите на Македонија, како и за состојбите во регионот и на европскиот континент.

„Република Словенија е наш важен партнер при имплементација на европските реформи со години наназад. Од словенечката претседателка добив уверување дека оваа поддршка ќе продолжи и дека со експертска и со политичка поддршка Словенија ќе остане да биде промотор на македонската европска интеграција“, рече Пендаровски, упатувајќи благодарност за Словенија за оваа поддршка.

Во однос на економската соработка, Пендаровски нагласи дека Словенија е значаен трговски партнер и инвеститор со години во Македонија.

„Минатата 2022 година вкупната трговска размена изнесуваше над 280 милиони евра, со раст од над 40 милиони евра, споредбено со 2021-та. Економската соработка постојано расте, но, со цел да ја зголемиме стоковната размена на половина милијарда евра годишно, се согласивме дека треба да се продлабочи економската соработка и во областа на услугите и странските директни инвестиции“, истакна Пендаровски.

Претседателката Пирц Мусар претходно беше пречекана со највисоки државни и воени почести. За време на официјалната посета, таа ќе оствари средби и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, а ќе се обрати и на свечената седница во Собранието на Република Македонија.