Смртта на израелското девојче го врати на дневен ред прашањето за воениот Ханибалов протокол

Израелка – сведок, рече дека за време на нападот на Хамас на 7 октомври во јужен Израел, војската ја опколила куќата во која биле припадниците на палестинската група, по што Израелците пукале на куќата од тенкови, убивајќи ги сите.

Изгледа дека тоа е најновата имплементација на Ханибаловиот протокол, кој вклучува и убивање на заробениците што ги држи непријателот за да се спречи израелските цивили да бидат однесени во Појасот Газа како заложници.

Израелските медиуми претходно овој месец објавија дека 12-годишната Лиел Хецрони е убиена во нападот на Хамас на кибуцот Беери на 7 октомври.

Според извештаите, по убиството на Лиел, нејзиниот дедо Авиа, нејзиниот брат близнак Јанаи и тетката Ајала се однесени на друга локација, каде што се убиени заедно со повеќе од 10 други заложници, а потоа, наводно, Хамас ја запалил куќата.

Израелските власти соопштија дека биле потребни две недели за да може Јанаи да биде идентификуван по пат на ДНК, додека Лиел, чие тело е запалено до непрепознатливост, идентификувана е по 6 недели.

Поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет на својот профил на социјалната мрежа Х сподели дека Лиел „ја убиле чудовиштата на Хамас“.

– Имало цивили во куќата

Јасмин Порат, која била во куќата во која близнаците биле држени како заложници, сподели детали за денот на инцидентот во радиското интервју дадено за јавниот сервис КАН на 15 октомври.

Порат рече дека куќата во која се наоѓала со припадниците на Хамас била опколена од израелските сили за безбедност, дека дошло до жесток судир и дека по некое време, еден од припадниците на Хамас решил да се предаде и излегол со неа.

Во продолжение таа рече дека израелските сили за безбедност ја испрашувале неа и припадникот на Хамас, и во текот на испитувањето, кое траело 3 часа, ги известила за бројката на цивили што се наоѓаат во куќата, каде се држени, како и за техничките детали на кои можела да се сети.

Таа напомена дека судирите продолжиле и во текот на испитувањето и додаде дека тенк стигнал пред куќата во 19:30 часот по локално време, по речиси 4 часа вкрстен оган меѓу израелската војска и Хамас.

„Си помислив: ‘Зошто пукаат кон куќата од тенкот?’ Ги запрашав луѓето кои беа со мене: ‘Зошто пукаат?’ Ми рекоа: ‘Пукаат да ги урнат ѕидовите за да ја исчистат куќата од припадниците на Хамас’“, раскажа Порат.

– Девојчето престана да вреска по двете тенковски гранати

„Знам дека од тенкот се испукани два проектили“, рече Порат и додаде дека тоа го заклучила и од она што ѝ го кажала Хадас Даган, втората преживеана и сопственичка на куќата во која се наоѓале заложниците.

Порат истакна дека Даган ѝ раскажала дека Лиел била жива до двете големи експлозии, што се случиле откако пристигнал тенкот.

„Сопственичката на куќата ми рече дека девојчето не престанало да вреска цело тоа време. Реков: ‘Се сеќавам. Бев таму првиот еден час, а таа не престана да вреска’. На тоа таа ми рече: ‘Јасмин, престана да вреска по тие два големи истрели.’ Тогаш настана тишина“, раскажа Порат.

Таа додаде дека од разговорот со Хадас Даган сфатила дека по испукувањето на гранатите, речиси сите загинале.

Прат рече дека на фотографиите по инцидентот видела дел од куќата во пламен, а за смртта на Лиел рече:

„Ако мене ме прашувате, врз основа на она што се случило во другите куќи, претпоставувам дека таа целосно изгорела.“

– Откритие на израелскиот пилот

Пилот на Израелските вооружени сили реле дека војската го применила Ханибаловиот протокол во текот на неочекуваниот напад на Хамас на 7 октомври.

Извештаите во израелските медиуми за големиот број цивилни жртви за време на Хамасовиот прекуграничен напад и израелските воени хеликоптери кои пукаат кон палестинските борци и цивилите на музичкиот фестивал во близина на Појасот Газа доведоа до дебата за тоа дали израелската војска го применила Ханибаловиот протокол.

Во интервјуто за израелскиот весник „Хаарец“, потполковникот Ноф Ерез го сврте вниманието кон тоа дека израелските сили кои одговориле на нападот на Хамас можеби го примениле овој протокол.

– Масовен Ханибал

Според зборовите на Ерез, „Протоколот на Ханибал“ или „Ханибалова директива“ е формулирана од израелската војска пред 30 години врз основа на настаните во Либан.

„Ханибалова директива“ или „Протоколот на Ханибал“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи фаќањето на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Директивата е воведена 1986 година по големиот број киднапирања на војници на израелските одбранбени сили во Либан и контроверзната размена на заробеници.

„Протоколот на Ханибал е намера и доколку се донесе одлука тој да се имплементира, тој се спроведува намерно. Доколку заробениците се ненамерно застрелани, тоа е друга работа“, рече Ерез во врска со нападот на 7 октомври.

Тој рече дека не е познато дали заложниците се застрелани или не кога борбените авиони и дронови почнале да пукаат дента кога е спроведен нападот од страна на Хамас.

„Изгледа дека ‘Протоколот на Ханибал’ е имплементиран во некој момент, бидејќи кога ќе ја откриете ситуацијата со заложниците, тоа е Ханибал, но Ханибал што го практикуваме на вежбите последните 20 години е поврзан само со едно возило во кое се заложниците. Она што го видовме тука беше масовен Ханибал. Имаше многу отвори во оградата, имаше илјадници луѓе во разни возила, со и без заложници“, изјави воениот пилот Ерез и додаде:

„Знам дека секој кој поседувал оружје, беспилотни летала, дал сѐ од себе без координација со копнените сили, бидејќи тие сили тогаш сѐ уште ги немаше.“

Овој пилот е сменет на 31 октомври по критиките упатени до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Портпаролот на израелската војска објави дека Ерез е сменет откако дискутирал за „политички прашања“ додека бил во активна воена служба.

– Израелските медиуми

Весникот „Хаарец“ на 19 ноември објави информација за безбедносната проценка на израелските безбедносни функционери во врска со нападот на Хамас од Појасот Газа на 7 октомври.

Во извештајот на високите функционери на израелската безбедност, врз основа на записникот за испитување на припадниците на Хамас и полициската истрага за нападот, се наведува дека Хамас немал претходни сознанија за музичкиот фестивал што се одржуваше во близина на Појасот Газа.

Во текстот се наведува дека полициската истрага покажала дека мнозинството посетители на фестивалот успеале да избегаат бидејќи била донесена одлука забавата да биде прекината половина час пред да се чуе првиот истрел.

Во продолжение се тврди дека истрагата открила како израелски воен хеликоптер, пукајќи кон припадниците на Хамас, пукал и врз цивилите.

„Според извор од полицијата, истрагата покажува дека борбен хеликоптер на израелската војска стигнал на местото на настанот и очигледно пукал кон терористите, а притоа пукал и кон некои од учесниците на фестивалот. Според извештаите на полицијата, 364 лица се убиени на фестивалот“, се вели во веста.

Израелскиот весник „Едиот ахронот“ објави вест за моментите кога хеликоптерите на израелското воено воздухопловство интервенирале во текот на нападот на Хамас на 7 октомври.

„Терористите на Хамас добиле инструкции полека да се вмешаат во масата луѓе и да не се движат под никакви околности. Така се обиделе да ги залажат воздухопловните сили дека се Израелци. Ваквиот трик делувал сѐ додека пилотите на хеликоптерите Апачи не се ослободиле од сите ограничувања. Кога пилотите сфатиле дека е тешко да се открие кој е терорист, а кој е Израелец, некои од нив околу 9 часот одлучиле самостојно, без дозвола на надредените, да користат проектили против терористите“, се вели во веста.

– Цензура на вести од Газа

Израелската полициска управа ги предупреди националните медиуми кои објавија дека израелските цивили се можеби убиени додека израелските воени хеликоптери интервенирале во текот на нападот на Хамас на 7 октомври.

Портпаролот на израелската полиција упати соопштение по повод текстот на весникот „Хаарец“ за истрагата спроведена во врска со она што се случи на фестивалот на 7 октомври.

Во соопштението се наведува дека и покрај тврдењата на весникот, во полициската истрага немало какво било споменување на активностите на израелската војска.

„Според тоа, нема индикации за каква било воздушна активност на тоа подрачје која им нанела штета на цивилите“, објави израелската полиција и додаде:

„Особено во овој период ги повикуваме медиумите да покажат одговорност при известувањето и сите свои вести да ги базираат само на официјални извори.“

Во писмото упатено до медиумите на 26 октомври, се вели дека Канцеларијата за воена цензура на Воено-разузнавачката управа на израелската војска вовела забрана за вести од Газа и од медиумите побарала сите вести и визуелни материјали за војната и воените активности да бидат испраќани до Единицата за цензура пред самото објавување.

На снимката што на 11 ноември ја емитуваше израелската телевизија „Канал 12“, во текот на емитувањето од болницата Барзилаи во градот Ашкелон, северно од Појасот Газа, израелскиот репортер рекол дека не може да даде информации за состојбата на војниците донесени во болницата поради цензурата воведена по 7 октомври.

„Мораме да кажеме дека сите информации што ви ги пренесовме пред болницата Барзилаи се цензурирани од страна на израелската војска. Можеме да кажеме дека ранетите војници доаѓаат тука, но не смееме да зборуваме за нив додека не се добие дозвола“, рече израелскиот репортер.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

Оттогаш се убиени најмалку 14.854 Палестинци, вклучително 6.150 деца и повеќе од 4.000 жени, информираа здравствените власти во палестинската енклава. Според израелските официјални податоци, во Израел загинаа 1.200 лица.

А.А