Снежните врнежи ја блокираа Москва, температурите во Сибир паднаа на минус 56

Температурите во делови од Сибир паднаа до минус 56 степени Целзиусови во понеделникот, додека снежните виулици донесоа рекордни снежни врнежи во Москва и ги прекинаа летовите на авиокомпаниите.

Во Република Саха, лоцирана во североисточниот дел на Сибир, каде што се наоѓа Јакутск, еден од најстудените градови во светот, температурите паднаа под минус 50 степени, соопштија метеоролошките станици во регионот. Во Ојмјакон, област Саха, во понеделникот навечер температурата била минус 56 Целзиусови степени.

Руските синоптичари соопштија дека Ојмјакон поради ветерот и влажноста ќе почувствува повеќе од минус 60 степени Целзиусови и дека температурите дополнително ќе опаѓаат во текот на ноќта.

„Во европскиот дел на Русија, на териториите на Урал и Сибир се очекува пад на температурите во првата недела од декември“, соопшти руската национална метеоролошка служба.

Температурите од минус 50 степени се поретки во последните години поради климатските промени.

Во руската престолнина, еден од најобилните снежни врнежи некогаш забележани на 3 декември остави делови од Москва покриени со наноси од над 35 сантиметри снег за само еден ден. Откажани се летовите на некои од аеродромите во Москва.

Температурите во Москва и регионот околу руската престолнина се прогнозира да се спуштат до околу минус 20 степени подоцна оваа недела. На Урал се предвидува дека оваа недела температурите ќе се спуштат до минус 40 степени