Снимен драматичниот момент од експлозијата во Јоханесбург: Минибуси летаа во воздух, маж за влакно избегна да биде згмечен (ВИДЕО)
Моментот кога силна експлозија разнесе низа минибуси во Јоханесбург, заедно со луѓе кои се обидуваа да избегаат, е снимен од улична безбедносна камера.
Видеото кое се појави на социјалните мрежи во затворен круг го покажува моментот кога надреална подземна експлозија уби едно лице и повреди 48 за време на вечерниот шпиц во најголемиот јужноафрикански град во средата.
Неверојатен удар отвори дупка на патот додека да трепнеш, а дел од асфалтот се урна под земја.
На видеото може да се види еден маж, кој беше свртен со грбот на улицата, како брзо реагира додека минибусот што полета во воздух се движи кон него и за влакно избегнува да биде згмечен.
Друг човек немал толку среќа – пожарникарите го пронашле неговото тело под возилото при претрес на областа по експлозијата.
Околу десетина жртви сè уште беа во болниците низ градот во четвртокот, додека други 36 беа отпуштени, соопштија официјални лица.
Причината за експлозијата се уште не е позната. Компанијата што го снабдувала тој дел од градот со гас рече дека не мисли дека зад неа стојат нејзините подземни цевки, како што првично веруваа властите.
Градските власти соопштија дека донеле експерти за да ги испитаат другите цевки и кабли во областа и да го утврдат ризикот од нова експлозија.
– Сè уште го бараме изворот – рече Пањаза Лесуфи, премиерот на провинцијата Гаутенг, каде што се наоѓа Јоханесбург.
Некои жители на областа беа принудени да се евакуираат поради страв од нова експлозија, додека на некои што живеат во блиските високи згради им беше препорачано да си заминат поради можноста од нивно уривање. Некои од нив веќе можеа да се вратат во своите домови во четвртокот.
Оштетени се околу пет градски блокови, шест патишта и 34 возила, соопштија властите. Некои возила се превртеа на страните.
Очевидци велат дека некои луѓе седеле во минибуси и чекале да си одат дома кога експлозијата ги фрлила во воздух.