Долината на смртта, Калифорнија: Неофицијалниот термометар покажува 54 степени
Веќе премногу натопената Нова Англија се подготвува за уште повеќе врнежи, а државниот метеоролошки центар предупреди дека четвртина од американското население ќе биде изложено на екстремна топлина.
Делови од Нова Англија и области долж средината на Атлантикот ќе бидат погодени од силни дождови. Невремето меѓу другите се очекува во Њујорк, Бостон и Филаделфија
Со оглед на тоа што почвата е силно натопена од дождовите во изминатите десет дена, условите ќе бидат поволни за поројни поплави, предупредуваат од центарот.
Гувернерката на Њујорк Кети Хочул ги повика жителите да го одложат патувањето додека не помине дождот, бидејќи автомобилите може да бидат однесени од надојдените води.
Од метеоролошкиот центар најавија и можност за торнада и одрони.

Најмалку четири лица загинаа во саботата во поплавите во дел од градот Апер Макефилд во Пенсилванија, на околу 30 километри од Филаделфија, соопшти локалната полиција. Спасувачите се уште трагаат по три исчезнати лица – деветмесечно момче, неговата двегодишна сестра и возрасна жена.
Поројни поплави беснеат последниве денови на североистокот на земјата, особено во Вермонт, чиј главен град Монпеље беше катастрофално поплавен, а нов аларм беше најавен за понеделник.
Покрај тоа подрачје, синоптичарите предупредија на обилни врнежи од дожд во делови од централниот дел на САД и долината Мисисипи, и во источен Тексас, делови од Арканзас и Луизијана и делови од Заливскиот брег.
Издадено е тревога за северозападниот дел на Пацификот и Калифорнија, преку Средниот Запад и сè до Флорида. Во некои области, како Невада и Аризона, се очекуваат температури до 46 степени.
Во познатата Долина на смртта, во Калифорнија, едно од најжешките места на планетата, термометарот во саботата навечер покажа 51 степен Целзиусов.
Вкупно околу 80 милиони луѓе ќе бидат изложени на топлотниот бран, соопштија од центарот.
Пеколни горештини во Европа и Азија: Соборен рекорд во Кина
Десетици милиони луѓе се испотија во неделата во пеколната топлина што ја зафати северната хемисфера, додека во Калифорнија беснееја разорни пожари и необични бури во Азија.
Во Италија е издаден црвен метео аларм за 16 градови, со очекувана температура од 36 до 37 степени, но се најавува уште повисока, до 40 степени.
До 48 степени се очекуваат на почетокот на неделата на Сардинија, медитерански остров западно од италијанската чизма.
Во Шпанија, на која и претстои во непријатна недела, метеоролошката агенција издаде портокалово предупредување за во понеделник.
Таа предупреди на температури од 38 до 42 Целзиусови степени во големи области на полуостровот и на Балеарските острови.
Црвено предупредување со температури од 42 до 44 степени е издадено за понеделник за регионот Андалузија, а за вторник за Арагон, Каталонија и Мајорка.
Во Романија во понеделник се очекуваат 39 степени.
Во Грција горештините би требало малку да попуштат, а атинскиот Акропол во неделата од 13 до 17 часот по локално време беше затворен за јавноста.
Во Јапонија, во неделата беа забележани високи температури од 20 од 47 јапонски префектури, а поројните поплави по обилните врнежи однесоа осум животи, вклучително и еден човек кој беше пронајден мртов во својот автомобил на север во саботата.
Во Кина највисоката измерена температура се зголеми за речиси два степени. Температурите во Санбао, провинцијата Ксинџијанг достигнаа 52,2 °C, што е за 1,7 °C повисоки од претходниот рекорд. Треба да се напомене дека пред само шест месеци беше соборен рекордот за најниска измерена температура досега: -53. Во јануари Националниот метеоролошки центар на Кина потврди дека претходниот рекорд (-52,3 степени) е соборен во Мохе, во северна Кина.
Во понеделник навечер силна тропска бура Талим се очекува да го погоди јужниот брег на Кина од Гуангдонг до Хаинан.
Јужните кинески провинции ги откажуваат летовите, го прекинуваат морскиот сообраќај и ги предупредуваат жителите да останат дома. Поради Талим е издаден портокалов метео аларм.
Талим е четвртиот тајфун оваа година, но прв кој стигна до Кина.
Кинеската метеоролошка служба издаде неколку предупредувања, предвидувајќи температури кои би можеле да достигнат до 45 степени во полупустинскиот регион Ксинџијанг и 39 во јужниот регион Гуангкси.