Советникот на Путин открива: Ова и треба на Русија

На Русија и треба силна рубља, а лабавата монетарна политика е виновна за нејзиниот сегашен пад, изјави денеска Максим Орешкин, економски советник на рускиот претседател.

Курсот на доларот на Московската берза утринава надмина 100 рубљи, првпат од 23 март минатата година, јавуваат руските агенции.

Коментирајќи го овој пад, Орешкин рече дека сегашниот курс на рубљата значително отстапил од основното ниво и дека се очекува негово нормализирање „во блиска иднина“, пренесува ТАС С.

„Слабата рубља ја комплицира структурната трансформација на економијата и негативно влијае на реалниот доход на граѓаните. Силната рубља е во интерес на руската економија“, заклучи Орешкин.

Годинава руската рубља загуби околу 30 отсто од вредноста во однос на доларот, а Централната банка на Русија смета дека тоа е последица на влошувањето на трговскиот биланс на оваа земја.

Трговскиот суфицит на Русија е намален за 85 отсто во првите шест месеци, од јануари до јуни, во споредба со истиот период минатата година.