Сообраќајка на патот Штип – Радовиш меѓу две возила, во едното се превезувала министерката Тренчевска

Секторот за внатрешни работи Штип соопшти дека денеска попладне на експресниот пат Штип – Радовиш се случила сообраќајка меѓу две возила, од кои во едното се превезувала министерката за труд и социјална политика, Јована  Тренчевска.

-На 5 јануари 2024 во 17.28 часот во СВР Штип е пријавено дека на патот Штип- Радовиш во близина на село Лакавица, Штипско, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „шкода” со скопски регистарски ознаки, сопственост на Влада на Република Северна Македонија, управувано од 53-годишниот Г.А. од Скопје, во кое се превезувала министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и вработена во кабинетот Н.Д. од Скопје, наведува СВР Штип.

Второто патничко моторно возило „пасат” со швајцарски национални ознаки било управувано од 48-годишниот М.Ј. од село Мокриево, Општина Ново Село, кој, како што информира СВР Штип, бил со четири сопатници во возилото.

Во сообраќајната незгода со телесна повреда се здобил возачот на „шкодата“ Г.А., констатирана од лекар од Итната медицинска помош Штип. До сега не се пријавени повреди од друго лице. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Штип и јавен обвинител.