Сопругата на Џорџ Клуни може да се соочи со забрана за влез во САД поради санкциите на Трамп

На Амал Клуни, сопруга на холивудскиот актер Џорџ Клуни, може да ѝ биде забранет влез во САД, заедно со други истакнати британски адвокати, поради санкциите што ги воведе Доналд Трамп.

Според „Дејли меил“, 47-годишната Амал, призната меѓународна адвокатка за човекови права, наводно добила предупредување од американскиот Стејт департмент. Може да ѝ биде одбиена виза за влез во САД поради правниот совет што го даде во случај на воени злосторства, што доведе до потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Клуни поголемиот дел од времето го поминуваат во Велика Британија и Италија, но поседуваат и недвижен имот во Соединетите Американски Држави, каде што Џорџ моментално настапува во претстава на Бродвеј.

Оваа сè уште непотврдена вест доаѓа откако американскиот претседател Трамп издаде извршна наредба против Меѓународниот кривичен суд (МКС), обвинувајќи го судот за антихристијанска пристрасност и осудувајќи ги „нелегитимните и неосновани“ обвинувања против Нетанјаху. Судот, исто така, покрена обвинение против тројца лидери на Хамас кои оттогаш се убиени.

Меѓу адвокатите кои му дале правни совети на МКС и кои се вклучени во одлуката за издавање на налогот се Хелена Кенеди и судијата Адријан Фулфорд, кои исто така беа предупредени, пишува „Фајненшл тајмс“. Адвокатите беа предупредени поради правните совети што ги дадоа на Меѓународниот кривичен суд во случајот со воени злосторства против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант.

Во февруари, Трамп издаде Извршна наредба 14203, со која се воведуваат санкции врз Меѓународниот кривичен суд. Со оваа наредба им се забранува на обвинителот на МКС, Карим Кан, и на неговото семејство влез во САД и им се запленети американските средства.

Претседателот Трамп, исто така, предупреди дека може да се преземат дополнителни чекори против „оние одговорни за кршење на одредбите од Меѓународниот кривичен суд“, вклучително и замрзнување на средствата и блокирање на влезот во САД. Доколку бидат воведени дополнителни санкции, Амал Клуни, која беше специјален советник во истрагата на обвинителот на МКС, би можела да се најде на списокот на оние на кои ќе им биде забранет влез во САД.

Списанието „Дејли меил“ се обиде да контактира со претставниците на двојката Клуни за коментар, но тие сè уште не одговорија. Пред една година, имаше жесток конфликт меѓу Трамп и Џорџ Клуни, бидејќи Клуни беше гласен поддржувач на демократската кампања на Џо Бајден, додека Трамп го нарече Клуни второкласна филмска ѕвезда и неуспешен политички експерт во објави на социјалната мрежа Truth Social.

Амал е квалификувана да работи како адвокат во Соединетите Американски Држави, Англија и Велс. Таа стана членка на Адвокатската комора на Њујорк во 2002 година.

Нејзината кариера се фокусираше главно на застапување на жртви на масовни злосторства, вклучувајќи геноцид и сексуално насилство, а таа дејствуваше во многу важни случаи на човекови права.

Исто така, во мај 2024 година, како одговор на критиките дека не ја искористила својата јавна позиција за да ја истакне тешката положба на палестинскиот народ, Клуни изјави: „Бев член на овој комитет затоа што верувам во владеењето на правото и заштитата на животите на цивилите. Законот што ги штити цивилите во војна е развиен пред повеќе од 100 години и важи во секоја земја во светот, без оглед на причините за конфликтот“.