Сопругата на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, Стела, денеска изјави дека приоритет е тој повторно да биде здрав.
Асанж го напушти затворот во Велика Британија откако американските обвинители рекоа дека тој треба да се изјасни за виновен оваа недела за кршење на американските закони за шпионажа, во договор што може да му овозможи да се врати дома во Австралија.
Стела Асанж изјави за Би-Би-Си дека немала време да разговара за тоа што ќе прават двајцата кога тој ќе биде ослободен, но дека приоритет е Асанж да оздрави, бидејќи веќе пет години е во, како што наведе таа „ужасна состојба“, повторно да биде во контакт со природата и да има „свое време и приватност“.
Таа побара помош од поддржувачите бидејќи има намера да основа итен фонд за закрепнување на нејзиниот сопруг.
Родителите на ко-основачот на Викиликс, 52-годишниот Асанж, изјавија дека се среќни што неговото легално мачеништво завршило.
Американските обвинители во судските документи рекоа дека Асанж се согласил да се изјасни за виновен по едно обвинение за заговор поради собирање и откривање доверливи документи за националната одбрана на САД, според поднесоците во Окружниот суд на САД за Северните Маријански Острови.
Се очекува утре тој да се појави пред американскиот федерален суд на Маријанските острови. Потоа ќе му се даде право да патува во Австралија, соопшти Викиликс.