Состојбата со владеењето на правото во фокус на средбата меѓу претседателката на Уставен суд Кацарска со австрискиот амбасадор Памер

 – Состојбата со владеењето на правото и политиката на имплементирање на законите во Република Северна Македонија, со акцент на примената на Кривичниот законик, почитувањето на слободите и правата на граѓаните биле во фокусот на средбата на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска со претставници амбасадата на Република Австрија предводена од амбасадорот Мартин Памер и Георг Става, специјалист за судски реформи и владеење на правото во ЈИЕ при австриската амбасада во Белград. 

Како што соопштуваат денеска од Уставен суд, претставниците на амбасадите на Република Австрија од Скопје и Белград, изразиле поддршка за работењето на Уставниот суд на Република Северна Македонија акцентирајќи ја неговата улога во правниот поредок на државата.

– Става кој долги години работел како судија а своевремено и претседател на CEPEJ (Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа), сподели задоволство од одржувањето на средбата со претседателката Кацарска и потенцираше дека чесните, професионални судии кои носат праведни одлуки се единствените кои ќе ја заштитат честа и угледот на судството, наведуваат од Уставен.

На средбата, покрај амбасадорот Памер, присуствувале Аташе Манфред Јурчевиќ и Јасна Стојковска од Канцеларијата на полициското Аташе при Австриска Амбасада во Скопје, генералниот секретар на Судот, Александар Лазов и портпаролката Христина Беловска.