Спасовски во посета на Полицискиот камп Белица каде се реализира дрил-тест за кандидатите на ЕБР и САЕ Тигар

– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со дел од раководството го посети Полицискиот камп Белица, каде што во тек е дрил-тест како една фаза од селективниот процес на кандидати за пополнување на составот на двете елитни специјални единици при Одделот за специјални полициски операции во рамки на Бирото за јавна безбедност при МВР. 

За време на посетата на Спасовски на Полицискиот камп Белица беа изведени показни вежби дел од дрил-тестот, а притоа тој се обрати пред кандидатите за САЕ Тигар и ЕБР.

– Ви честитам што се пријавивте за вклучување во елитните единици на МВР кои се стожер на државата и на безбедноста. Престиж е да се биде дел од САЕ Тигар и ЕБР, истакна министерот Спасовски, се вели во соопштението од МВР.

Спасовкси, исто така, им честиташе на кандидатите за двете единици за досегашниот процес на селекција.

– На кандидатите од ЕБР кои го поминаа дрил-тестот им честитам и посакувам да продолжат со иста таква посветеност и ентузијазам да ја завршат до крај обуката. На кандидатите за САЕ Тигар им посакувам успешен старт и   силна посветеност, а јас  посакувам сите да ја завршите обуката, рече министерот Спасовски, додавајќи дека раководството на МВР секогаш е тука за нив.

Дрил-тестот во времетраење од 21 ден, како што информираат од МВР, денеска завршува за кандидатите за Единицата за брзо распоредување, а започнува за кандидатите за Специјалната антитерористичка единица Тигар.

– На 27.06.2023 беа распишани интерни огласи за пријавување на кандидати за ЕБР, односно САЕ Тигар, на кои за потребите на Единицата за брзо распоредување беа пријавени вкупно 26 кандидати, додека за потребите на Специјалната антитерористичка единица Тигар беа пријавени вкупно 38 кандидати. По извршените тестирања на пријавените кандидати за ЕБР, кои опфаќаат физичка подготвеност, психолошко тестирање, тест за фобии и интервју, согласно Правилникот за спроведување селекција на ЕБР, останаа 15 кандидати (13 машки и 2 женски) кои ги исполнија критериумите од извршените тестирања и прејдоа во втората фаза, т.н. дрил-тест селекција, која се одржуваше во периодот од 11.09.2023 до денеска (01.10.2023) во Полицискиот камп Белица, се вели во соопштението од МВР.

Селекцијата опфаќаше неколку критериуми, и тоа: физичка подготвеност, самостојност, одговорност и дисциплина, соработка и тимска работа, доверливост, комуникациски вештини, креативност и мотивираност, прилагодливост кон различни ситуации, снаодливост и храброст, ракување со вооружување. Притоа, оваа фаза од селекцијата успешно ја завршија 11 кандидати, меѓу кои и една полициска службеничка. Следната трета фаза ќе опфати петмесечна обука која вклучува основна обука во рурална средина, во урбана средина и обука за воспоставување на ЈРМ во поголем обем, а ќе се изведува во Крани, Пониква и во базата на ЕБР – Полицискиот центар Ѓорче Петров. Кандидатите кои успешно ќе ги завршат предвидените обуки, ќе бидат дел од составот на оваа специјална единица.

За време на дрил-тестот, кандидатите за САЕ Тигар ќе бидат подложни на зголемен психофизички напор, без можности за комуникација надвор од кампот, маршеви на долги дистанци, ракување со оружје, приспособување во простор и сл., а оние што успешно ќе ја завршат и оваа втора фаза од процесот на селекција, ќе се упатат на селективна обука во времетраење од шест месеци во рурални средини на подрачјето на државата. Кандидатите кои успешно ќе ја завршат и селективната обука, заслужено ќе го добијат амблемот на САЕ Тигар, како припадници на оваа елитна единица.