Спасовски за МИА: Конференцијата на Интерпол во Охрид е признание за зајакнатите меѓународни активности на МВР

Активната оперативна соработка и зајакнатите меѓународни активности на Министерството за внатрешни работи ја номинираa Република Северна Mакедонија да биде домаќин на 50. Европска регионална конференција на Интерпол. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за МИА истакнува дека заслуга за нашата држава да биде организатор на оваа значајна конференција има и тимот кој изминатите години со активна работа го вклучи МВР кон бројни меѓународни безбедносни иницијативи и регионални асоцијации, пред сè од областа на внатрешните работи.

На тридневната конференција во Охрид, 140 претставници од 53 земји дискутираа за ризиците за безбедноста од најразлични форми на транснационалниот криминал, за недозволената трговија со дрога и оружје, тероризамот, хибридните закани и сајбер криминал, а клучниот фокус бил ставен на зајакнување на меѓународната соработка со цел сузбивање на заканите на организираниот криминал.

Според министерот, оваа конференција има голема важност и поради тоа што се одбележаа три значајни јубилеи: 100-годишнина од основањето на Интерпол, 30-годишнина од нашето членство во најголемото полициско семејство со 195 земји членки и 50-годишна Европска регионална конференција

-Оваа конференција од најголеми размери и на највисоко полициско ниво што некогаш МВР имало можност да ја организира, дојде како одговор на нашата номинација на 49. Европска регионална конференција на Интерпол во мај минатата година во Лион, каде ја добивме поддршката од најголемиот број на кандидати. Тоа за нас беше признание за зајакнатите меѓународни активности на МВР во пост – Ковид периодот, кога работевме со полн интензитет да создадеме многу мостови на пријателства и партнерства, дел од нив сосема нови, воспоставувајќи билатерални контакти со голем број земји, но и активна оперативна соработка со колеги од Европа и пошироко, истакнува Спасовски.

null

За организација на еден ваков настан, вели дека мора да се исполнат барањата кои важат за сите земји подеднакво, како од аспект на церемонијалните, така и на работните делови, но и на понудата за организирање на слободното време на учесниците.

– Ваквите настани не трпат импровизација, сето тоа мора да се одработи до перфекција, бидејќи шансата се добива, во овој случај и буквално – еднаш во 100 години. Презадоволен сум што се покажавме како одлични домаќини и ги добивме сите пофалби како од Генералниот секретаријат на Интерпол, така и од самите делегати, од кои најголем дел првпат ја посетија Македонија, а изразија желба да дојдат повторно, и приватно. Посебно задоволство причинува фактот што покажавме дека можеме да се носиме рамо до рамо со големите држави кога станува збор за големи и комплексни проекти. А тоа претставува гордост за сите Македонци, истакнува Спасовски.

Рамноправното членство во Меѓународната организација за криминалистичка полиција, земјава има од 1993 година, од кога има и директен пристап за користење на сервисите и алатките кои се достапни до сите 195 држави членки. Во согласност со Статутот на Интерпол, воспоставено е и Националното централно биро (НЦБ), кое организациски е сместено во Секторот за меѓународна полициска соработка при Бирото за јавна безбедност. 

-Со воспоставувањето на глобалниот комуникациски систем на „ИНТЕРПОЛ I-24/7“, нашата држава меѓу првите се поврза со истиот во 2003 година, со цел размена на информации меѓу членките и Генералниот секретаријат и директен пристап до глобалните криминалистички бази на податоци. Со самото членство во организацијата, од особено значење е придонесот кон меѓународната полициска соработка која оваа организација ја негува. Ова се остварува преку континуирани активности на работните групи и динамично учество во тековните проекти иницирани од страна на Генералниот секретаријат, преку идентификување на соодветна експертска потреба од расположливите ресурси во Министерството и останатите служби за спроведување на законот во Република Северна Македонија, појаснува министерот Спасовски.

Националното централно биро на Интерпол Скопје, во рамки на МВР, континуирано разменува оперативни информации, сознанија и податоци од областа на меѓународните потраги по лица и возила, насилниот криминал и тероризам, финансискиот криминал, недозволената трговија со дрога и оружје, проверки за оригиналност на документи, идентификација на лица …  

МВР, нагласува министерот,  учествува и во бројни оперативни акции координирани од Генералниот секретаријат на Интерпол, насочени кон воспоставување механизам за размена на податоци за сомнителни профили на лица инволвирани во терористички активности, кои ги користат мигрантските рути заради полесно инфилтрирање, како и за употреба на импровизирани експлозивни направи.

-Интензивно се одвива и соработката со странските полиции во споделување податоци заради поуспешно справување со актуелните предизвици во областа на криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Во рамки на една од овие операции на Интерпол, беа идентификувани трaнсконтинентални рути за криумчарење мигранти, трговија со луѓе, илегални мигранти, спроведени контроли на гранични премини и иницирани нови меѓународни истраги. Притоа, во нашата држава беа идентификувани 270 илегални мигранти, а воедно беа иницирани пет меѓународни истраги со Србија, Турција, Грција и Пакистан, посочува Спасовски.

null

Информира дека согласно националната легислатива, континуирано се вршат проверки и на увезени странски возила во државата со базата на украдени возила и се преземаат понатамошни активности кај возилата кои се предмет на меѓународна потрага, со цел нивно враќање на нивните легални сопственици. 

-МВР во соработка со Царинската управа учествуваше и во глобалната операција CARBACK на Интерпол, со цел справување со криминалот со возила и разбивање на транснационалните мрежи кои профитираат од ваквата активност. За време на операцијата, беа извршени повеќе од 1500 проверки и прегледи/претреси над селектирани лица и моторни возила, при што одземени беа 10 возила под сомнение за фалсификат, од кои кај пет возила потврдени се фалсификати, истакнува Спасовски.

Потсетува и на учество во уште неколку заеднички операции, едната насочена кон сузбивање на криминалот со дивиот свет и нивната илегална трговија, како и за борба против недозволена трговија со културни добра, во која акција беа лишени од слобода осум македонски државјани, кај кои беше пронајдена опрема за нелегално ископување и предмети од културно и археолошко значење.