Спасовски : Имаме десетици конфискации на имот, само со брз одговор на сите институции ќе ја вратиме довербата на граѓаните

– Министерот за внатрешни работи потсетувајќи на, како што нагласува, вкупните промени кои се случуваат во државата последните пет години, потенцира дека постои огромна разлика во  функционирањето на државата и сите нејзини институции, но дека треба да се продолжи да се работи за да се исполнат целосно очекувањата и перцепцијата на граѓаните.

– Секако дека многу од европските приоритети коишто беа започнати се и завршени во одредени сегменти. Ги реформиравме безбедносните служби, тука е делот и за следење на комуникациите, слободата на говорот и слободата на медиумите и, ако ги видите тие разлики, ќе видите дека разликите се до ниво на непрепознатливост во однос на тоа што било до 2017 година“, истакна министерот Спасовски во синоќешното гостување на ТВ Шења.

Имајќи предвид дека граѓаните посакуваат поефикасна борба со криминалот и корупцијата, Спасовски подвлече дека таа ефикасна борба не значи само детектирање на криминалот и спроведување на истрага, туку треба да се гледа и крајната цел –  санкција која ќе се изврши, а нелегално стекнатиот имот да биде одземен и вратен на државата.

– Во делот на конфискација на имотот до 2017 година имало само три конфискации и финансиски истраги, а во 2017 година се отвора реформски процес во рамките на МВР каде се креираат посебни единици за финансиски истраги и започнуваме со финансиски истраги за секоја истражна постапка и веќе во овој период има над десетина конфискации на нелегално стекнат имот, вели министерот Спасовски.  

Според него, не може да се премолчи состојба во која извршувањето на санкции за едни луѓе ќе биде привилегија наспроти останатите граѓани, па едни ќе можат да бидат во еден затвор, бидејќи имаат моќ и пари, а другите не.

 -Тоа е нешто што ги ужаснува луѓето. Борбата со криминалот мора да биде ефикасна, видлива и со брз одговор на сите институции за да се смени перцепцијата на граѓаните, потенцираше Спасовски.