Спасовски и Марин Лопез од Берлински процес: Континуираната соработка е од големо значење за креирање услови за модерно полициско работење

– Македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, на покана на Агенцијата на Европската Унија за обуки за спроведување на законот (ЦЕПОЛ), оствари средба со директорката на ЦЕПОЛ, Мариа Монтсерат Марин Лопез, во рамки на Берлинскиот процес, што се одржува во Тирана, Република Албанија.

Двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу МВР и ЦЕПОЛ е континуирана и од големо значење за креирање на услови за модерно полициско работење.

-Соработката помеѓу МВР и Агенцијата на Европската Унија за обуки за спроведување на законот (ЦЕПОЛ), ја започнавме во 2017 година со Работен аранжман кој овозможи учество на службеници за спроведување на законот на Република Северна Македонија на обуки на ЦЕПОЛ, како и учество на службеници за спроведување на законот од ЕУ, кои работат во областа на правдата и внатрешните работи на обуки организирани од страна на Центарот за обука на полиција на РСМ. Притоа, во последниве години соработката бележи особен пораст и се одвива непречено главно преку учество на службениците за спроведување на законот на РСМ на специјализирани/резидентни обуки скроени согласно Стратешката проценка за потреби од обука EU-STNA во организација на Агенцијата, како и преку учество на Програмата за размена на службеници за спроведување на законот, рече Спасовски.

Со задоволство  констатира дека досега околу 120 преставници од МВР ги посетиле обуките на ЦЕПОЛ за размена на најдобри практики, и оцени дека од “големо значење е зајакнувањето на капацитетите на властите на Западен Балкан во борбата против организиран криминал и тероризам”.

– Тука би го споменал и проектот кој се реализира од 2020 година „Партнерство против криминалот и тероризмот во Западен Балкан (CEPOL WV PaCT)“ кој произлезе од Декларацијата од Софија и стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан, во која Европската Унија споделува многу безбедносни закани со Западен Балкан и работи посветено на зголемување на оперативната соработка со регионот во борбата против организираниот криминал и тероризмот, посочи Спасовски.

Според него од “големо значење за нас како држава е зајакнувањето на капацитетите на властите на Западен Балкан во борбата против организираниот криминал и тероризмот, вклучително и спречување и сузбивање на насилниот екстремизам преку зајакнување на соработката помеѓу земјите во регионот како и соработката со Европската Унија” и  со уверување дека “МВР стои на располагање за сите идни активности на ЦЕПОЛ, а воедно ја изрази и отвореноста за продлабочување на веќе добрата соработка во сите области од заеднички интерес, а кои подразбираат квалитативно надградување на сите аспекти на модерното полициско работење”.

Директорката на ЦЕПОЛ, Мариа Монтсерат Марин Лопез, рече дека следната година заедно со нејзиниот тим ќе ја посетат Република Северна Македонија, при што ќе биде презентиран нов пакет на обуки, за што министерот Спасовски го изрази своето задоволство и притоа истакна дека секоја обука е од големо значење за Република Северна Македонија, за регионот, но и за мирот и стабилноста на Европската Унија.