Спасовски на отворање на манифестацијата ,,Мелнички средби 2023“: Да ги чуваме и негуваме корените од минатото, тие се извор на нашето постоење
– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва присуствуваше на отворањето на манифестација „ Мелнички средби 2023 “, во село Мелница, во Чашка, каде порачал дека треба да се негуваат корените од минатото.
-Во тој дух и оваа манифестација – Иселеничка средба Мелница 2023 – всушност, има една крајно благородна цел: да ги негува и чува корените од минатото, да ги зближи старите и новите генерации – вторите, за да слушнат, видат и научат, а првите, за да се потсетат на заедничкото извориште на постоењето. Она што мислам дека е најважната придобивка и квалитет на овие настани – а тоа е чествувањето и прославувањето на она што претставува една од најголемите драгоцености во човечкото социо-културно егзистирање – родниот крај, посочил Спасовски, пренесува Министерството за внатрешни работи.
Министерот истакнал дека оваа манифестација е особено значајна, бидејќи е во духот на печалбарската традиција, вткаена во македонското живеење.
-Печалбарската традиција која од многу одамна е длабоко вткаена во македонското живеење, во нашиот народен фолклор и обичаите, како составен дел од националниот супстрат и посебноста, како обележје кое јасно говори и сведочи не само за незаборавот и пиететот кон потеклото, туку и за љубовта и трајната поврзаност со него, рекол Спасовски.